Министерот за здравство,Фатмир Меџити, заедно со заменик министерката, Маја Манолева, денеска ја посетија Универзитетската клиника за токсикологија, каде се комплетно реновирани одделите за токсикологија и детоксикација.
Инвестицијата е во вредност од 9,5 милиони денари.Станува збор за комплетно реновирање на болничките соби, опремување со нови кревети и мебел, 24-часовен централен надзор и мониторинг на сите витални параметри на сите хоспитализирани пациенти, како и комплетно реновирање на сите тоалети на овој кат.
Од Министерството за здравство велат дека оваа инвестиција значи унапредување на условите за третман и успешно лекување на пациентите.
Во претстојниот период е предвидено да се реновира и приземниот амбулантски простор, со што ќе се заокружи реновирањето на комплетниот амбулантско-стационарен дел на клиниката, а предвидена е и нова токсиколошка лабораторија, што ќе значи третман на акутните интоксикации по најсовремените светски протоколи.