Решението за личните карти се најде во подзаконски пропис, не можеше ли порано?

Решение за големите проблеми на 40.000 граѓани кои во моментот се без лична карта ќе се најде преку подзаконски припис со кој ќе биде овозможено продолжување на печатењето и издавањето лични карти. Владата по вчерашната седница најави дека денеска би требало да продолжи печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните барања.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како што информираа од Владата, на седницата информирал дека подзаконскиот пропис во врска со издавањето на обрасците на новите лични карти ќе биде објавен до синоќа во „Службен весник”, и оти со тоа ќе се овозможи веднаш да започне печатењето и издавањето на личните карти на граѓаните согласно нивните поднесени барања.

На седницата Владата, како што информираше владината прес-служба, го задолжила министерот да ги преземе сите потребни активности за донесувањето на подзаконски пропис согласно овластувањето од Законот за лични карти и да го усогласи со одредбите од Законот за употреба на јазиците со што се овозможува непречено издавање на обрасците за барање за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање лична карта, образецот за личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта, како и за начинот за водење на евиденцијата за издадени лични карти.

Владата бараше законско решение за издавање на личните карти на граѓаните, поради тоа што измените на предложениот закон се блокирани во Собранието. Но, останува прашањето: не можеше ли ваквите промени да се направат порано за да не се случуваат проблемите на граѓаните?

Претходна вестДве жени тешко повредени во превртениот автомобил кај езерото „Младост“
Следна вестНа Табановце за излез се чека околу 30 минути