Решителен одговор за недобронамерните сили

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Чудно некое време, во воздухот струјат недобронамерни сили! Наместо Македонци, сè почесто нè именуваат како „Северномакедонци“ и надвор, но и внатре. Згора на тоа, пред очи ни проблесна логото на македонската влада по повод осамостојувањето на Република Македонија на 8 септември 1991 г., во кое најважен е атрубутот „Северна“, а ,,Републиката“ воопшто ја нема. За историската неточност – 30 г. од независноста на „Северна“, научно дело може да се напише!

Но, овие сурови дразби врз нашиот именски, национален, историски и психолошки систем не се воопшто случајни и се производ на нарцисоидната култура на македонските властодршци, актуелни и некогашни. Отсуството на свест, кај нив, за народните, државните и националните вредности и интереси, за општото добро и напредок, за идеен развој и натпревар, резултира со стихија, изопаченост и агонија на општественото и на простото човечко живеење веќе 30-на години наназад.

А пак, втемелувачите на македонската држава уште пред 77 години на Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944 г.) донеле „Декларација за основните права на граѓаните во Македонија“предвидувајќи политички плурализaми други основни човекови права и граѓански слободи – еднаквост и рамноправност  на граѓаните пред законите, без разлика на народност, пол, раса и вероисповед; слободен национален живот на националните малцинства; сигурност на личноста и имотот, право на сопственост и приватна иницијатива во стопанскиот живот; слобода на совеста; слобода на говор, печат, собирање; општо, еднакво, непосредно и лично изборно право. Но, како што оваа Декларација, набрзо бесправно и незаконски е поништена и потем заборавена, така и денес нејзините одреби само формално постојат во партиско-политичката свест и практика на современата власт, заслепена од моќ, така скоро 30-на години.

За да се елиминираат намерните и неточни именувања на македонскиот народ и неговата држава – Македонија, како и да се одбележи достоинствено и точно датумот на нејзината независност потребно е да се одговори решително на недобронамерните сили и доследно почитување и одбрана на посебниот историски опстој, континуитет и борба на македонскиот народ. Задача на сите нас е да ги имаме пред сè македонските интереси – развој на политичката култура и филозофија, економскиот развој (без корупција, алчност, измами и проневери; стручност, а не партиска припадност), внатрешна стабилност и почитување на закони, развој на науката, културата, спортот и секако, основното АСНОМ-ско настојување одделување на државата од партијата (која и да е) за да се изгради здраво општество, со доследна и конзистентна македонска внатрешна и надворешна политика.

Силата на окованиот Прометеј, секогаш доаѓала во моментот кога тој ќе се наведнел поблиску до земјата – народот, можеби во оваа легенда за силата што доаѓа од народот, треба да се бара и поуката за нашите современи македонски работи!

Претходна вестПрв „Скопски поетски фестивал“ на 1, 2 и 3 септември
Следна вестДржавата малку помага за едукација на стручен одбојкарски кадар