Ревизорите бараат да се преиспитаат патните трошоци на пратениците

Постои потреба од преиспитување и усогласување на Одлука и Законот на пратениците, во делот на исплатата на надоместокот за трошоците за патарини, укажуваат државните ревизори во извештајот за извршената контрола во Македонското Собрание. Во извештајот за извршената контрола за работењето на македонскиот парламент во 2020 година се наведува дека Комисијата на прашања на изборите и именувањата донела одлука со која на пратениците за секој изминат километар со сопствено возило им следува 20 проценти од продажната цена на еден литар гориво.

-Со увид во доставената документација и сметководствена евиденција, констатиравме дека во текот на 2020 година на пратениците исплатени им се надоместоци за користење на автомобили во приватна сопственост за службени цели во вкупен износ од 12.881.000 денари, како и надомести за трошоците за исплатени патарини во вкупен износ од 1.092.000 денари. Во 2016 година за гориво биле исплатени 41.239.000 денари, додека за патарини 3.511.000 денари. Во 2018 година трошоците се намалени на 32.140.000 денари за гориво и 2.058.000 за патарини.  Намалувањето на расходите за гориво за пратениците во 2020 година се должи и на намалениот број на седници поради пандемијата, наведуваат државните ревизори.

Откриено е и дека македонското Собрание не располага со имотен лист со утврдено право на сопственост/користење на земјиштето и објектот во кој е сместено и ги извршува своите функции. Објектот е сопственост на РСМ и не е извршено запишување на правото на сопственост или користење во Агенцијата за катастар на недвижност. Иста е ситуацијата и со земјиштето под Собранието. ДЗР со допис до Владата укажал дека е неопходно да се запише правото на сопственост или користење на овој имот.

Против Собранието се водат 26 судски постапки, а тужителите бараат надомест на штета од над 19 милиони денари.

Претходна вестПочнува ревитализација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Козјак…
Следна вестВучиќ: Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот, подготвуваме големи работи