Ревизорите го извадија „нечистиот веш“ на МВР: Издавани пасоши без процедура, купувана храна и пијалоци без тендери…

Издавање пасоши и лични карти без правила и процедура, набавка на пијалоци и храна без тендери, неусогласеност со законите за правото на отпремнина, ова се само дел од проблемите во Министерството за внатрешни работи  што ги констатирал Државниот завод за ревизија во врска со работењето на МВР. Од пет сметки, Министерството за внатрешни работи има проблеми со финансиските извештаи за три, се вели во извештајот на ревизорите.

-Со извршената ревизија за 2020 година, изразивме мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики, се вели во оценката за три сметки на МВР.

Во едната е утврдено дека приходите од издавање на пасоши, лични карти, возачки дозволи, сообраќајни дозволи, регистарски таблици и останати обрасци, не се евидентираат согласно основот по кој истите се остваруваат.

Понатаму според ревизорите, детектирана е меѓусебна неусогласеност на законските акти кои го уредуваат правото на отпремнина што се исплаќа на вработениот при заминување во пензија.

-МВР располага со 513 градежни објекти, од кои за 45 објекти поседува имотен лист, а за 53 градежни објекти се води постапка за легализација, започната во 2013 година. Пописот на средствата и обврските не е  извршен согласно Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници. Утврдени се и неправилности при спроведувањето на јавните набавки, пишува во извештајот.

За одморалиштата на МВР во Охрид, Крани и Пониква, ревизорите сметаат дека е воспоставена само финансиска, но не и материјална евиденција на прехранбените производи набавени за потребите на одморалишта.

– Вршени се набавки од храна и пијалоци без да се спроведат постапки за јавни набавки согласно Законот за јавните набавки и без да се склучуваат договори, стои во извештајот.

 

Претходна вестТри дена матичните лекари нема да издаваат рецепти, протестираат оти Владата со месеци е глува на нивните барања
Следна вестПроменливо облачно со локални врнежи од дожд