Роденденски концерт на оркестарот на Филхармонија

Во четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Азно“ со кој ќе одбележи 78 години од формирањето на институцијата. На роденденскиот концерт како солист ќе настапи Кирил Трусов, еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена во моментов. Солистка е и македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и П.И.Чајковски.

Поддржан и воден од славниот виолинист и диригент Сер Јехуди Мењухин, Кирил Трусов денеска важи за еден од водечките виолинисти на неговата генерација. Интернационалната јавност неговата изведба ја опишува како „импресивно елегантна, со неверојатна техника и исклучително чувство и музичка сензуалност да ја извлече скриената убавина на делата што ги свири“. Кирил Трусов е редовен гостин на престижните светски сцени и на најпознатите музички фестивали.

Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт“ во Варшава, Полска и BANFF центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари, а настапува со многу значајни оркестри.

Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија.

Претходна вестПобарајте ги отворените кабли, казнете ги неодговорните
Следна вестЗарем треба лаборатории да си отвориме по дома?