Роди ме мајко к’сметлија, други ќе ме фрлат во управен одбор

Меѓу два и три милиони евра до лани била годишната сметка плаќана од државниот буџет за членовите во разните управни и во надзорни одбори ширум Македонија. А ги има немал број: проценка е дека се и повеќе од 1.600 лица кои за својот повремен ангажман добиваат солиден паушал – 5.000, 7.000, 10.000, 12.000 денари… Сите тие лица се распределени по управните одбори кои постојат по центрите за јавно здравје, 35-те здравствени домови, 30-те центри за социјална работа, студентските домови, универзитетските клиники, како и други агенции, дирекции, државни центри, фондови...

Колку овие скапо платени лица се неопходни?

Има примери каде социолози или стоматолози или… треба да носат одлуки за работењето на аеродромите, на железниците, на… Треба ли да се нагласува дека најчето се бираат лица кои се блиски до партиите? 

Од сето тоа е јасно колку се ефикасни таквите управни и надзорни обори. Впрочем кое јавно претпријатие може да се пофали дека работи успешно? Затоа нели е крајно време барем да се намали бројот на членовите во раководните институции? 

Политичарите пред избори ветуваат се, па и ова. Но до каде е работава? И Владата минатата година најави дека сето ова ќе се менува. Односно, дека ќе се носи ново законско решение според кое бројот на членови на управните одбори се намалува од сегашните 15, на 7 членови , односно 5 во помалите општини, а бројот на членови во надзорните одбори на јавните претпријатија се намалува од сегашните 5 на 3 членови. И не само тоа, туку и ќе се воведува и ред во висината на надоместокот кој го земаат членовите на управни и надзорни одбори. Односно, дека ќе се намали напоредно со менувањето на начинот на кој ќе се избираат. А на изборот ќе можеле да учествуваат сите граѓани преку јавниот повик…

И што бидна? Владата и Министерството за економија треба да ја информираат јавноста дали и натаму се расфрлаат со паушали во управни и надзорни одбори или трошењето е намалено. Од она што деновиве го изјави премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека во овој момент имаме членови на управни одбори што генерираат загуби, а коишто имаат поголеми плати од Претседателот на државата, од претседателот на Врховен суд и од претседателот на Владата, излегува дека се уште премногу има залепени за државна „дојка“ и цицаат…

Треба да прекине новонастанатата поговорка: Роди ме мајко к’сметлија, други ќе ме фрлат во управен одбор.

Претходна вестСе најде решението за барањата на синдикатот на Управата за матични книги
Следна вестСе надминаа проблемите, автобусите 19 и 20 на „Макекспрес“ повторно ќе возат до Шуто Оризари