Мртво бебе родила вчера 21-годишна трудница во битолската болница „Трифун Пановски“, а обдукцијата ќе покаже кои биле причините. Според првичните сознанија, станува збор за неконтролирана бременост при што кај родилката имало вишок плодова вода
Директорката на болницата Елизабета Ивановска изјави дека бебето било извадено со царски рез, но без знаци на живот. Таа за медиумите објасни дека бебето било извадено без срцева акција, а не помогнале ниту реанимациите. Мајката во Македонија немала контролирана бременост, а до седмиот месец била во Германија. Прва контрола на родилката била на крајот на седмиот месец на приватен гинеколог. Од таму била препратена во битолската болница, каде што е породена. Дали бременоста била контролирана во Германија директорката не знаеше.
-Досега имала четири бремености, две бебиња ѝ се починати. На истиот начин ѝ починало бебето и пред три години. Бебето е родено мртво, без фрекфенција, без срцева акција. Реанимирано е, немало никаков одговор. Имало голем вишок плодова вода. Поради тоа, направен е и царски рез. Најверојатно, имало аномалија бидејќи во 90 отсто од случаите, кога има вишок плодова вода, тоа е причината, вели Ивановска за „Макфакс“.
Таа посочува дека родилката немала забелешки од докторката што ја породувала. Родилката ќе биде задржана во болница. Пред три месеци во битолската болница почина бебе, исто така на млада родилка.


