Родителите да бидат отворени за прашања од децата за ситуацијата со корона кризата

Со Иво Куновски, психолог при ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија, зборуваме за предизвиците во однос на менталното здравје на граѓаните кои што се наметнуваат во периодот на кризата со корона вирусот, на ограничувањата во движењето…

 Какви се опасности по ментално здравје крие и носи овој период на ограниченото движење на граѓаните, на страв од болест, на променет начин на живот…?

Овој период искусуваме ограничувања во движењето, променето секојдневие и за многу граѓани и неизвесност за иднината. Заради овие причини, покрај ризикот за физичкото здравје, актуелната ситуација може да претставува и ризик за нашето ментално здравје. Во овие услови може да доживееме различни негативни мисли и чувства, како што се стравот, вознемиреноста, тагата, незадоволството, лутината и загриженоста за личното здравје и здравјето на блиските. Кај многу може да се јави несигурност за ситуацијата, работното место и обврските, да се чувствуваме осамени заради намален контакт со блиските или пак да имаме потешкотии со концентрацијата, јадењето и спиењето. Оваа ситуација ни влијае на сите на некој начин или до одреден степен. Но, треба да запомниме дека сите овие доживувања се нормални и очекувани реакции на несекојдневни ситуации и може да преземеме некои чекори околу тоа.

Посебно е специфично одржувањето на психичкото здравје на децата и на постарите луѓе. Што е тука препорачливо да се прави во рамките на семејствата?

Често се случува возрасните да реагираат на информации за ситуацијата на начин кој може да ги збуни и вознемири децата. Кај помладите може да се забележи почеста плачливост, раздразливост, изливи на бес или промени во исхраната и спиењето, кои исто така се нормални реакции во овие услови. Особено важно за децата, во период кога поголем дел од времето го поминуваат во домот, е воведувањето структура за тоа како ќе се одвива денот и неделата. Тука родителите може да одредат време за кога децата ќе се будат, јадат, играат, гледаат цртани, учат или читаат итн. Во оваа рутина е добро да се вметне и период во кој родителот и детето ќе поминуваат заедничко време, каде без телефони или телевизор ќе може да прават некои од активностите заедно. Во зависност од возраста, децата може да се вклучат и во некои од домашните обврски, каде ќе бидат пофалувани и охрабрувани од родителите за позитивното однесување. Овој период, децата исто така може да имаат многу прашања или едноставно да се збунети од тоа што се случува или пак од реакциите на некои од членовите на семејството. Родителите би можеле да се обидат да го ограничат пристапот до вознемирувачки информации, да бидат отворени за прашања и да понудат одговори на едноставен јазик кој одговара на нивната возраст. Но, иста така и да не заборават да го прават тоа утешително и да ги осигураат децата дека родителите се тука за нив и прават се што е потребно за нивна заштита. Актуелната ситуација може да е и особено стресна за постарите лица заради зголемениот ризик за зараза. Постарите лица може периодов да се осамени во своите домови или потешко да извршуваат некои од секојдневните активности. Во ваков случај, членовите на семејството или пак други граѓани кои сакаат да понудат поддршка може да се организираат за помош во купувањето намирници и хигиенски производи. Заради ограниченото движење, на постарите лица би им било важно доколку редовно ги контактираме телефонски или ги придружиме на прошетка со придржување до препораките.

Како граѓаните самите да си помогнат во услови на ограничено движење, на долг престој дома меѓу четирите ѕида, што да прават?

При ограничено движење треба да се потсетиме дека одржувањето физичката дистанца не значи и социјална дистанца. Одржувањето редовен телефонски или интернет контакт со оние кои ни се блиски е едноставен и ефикасен начин да ја намалиме вознемиреноста. Комуникациските алатки кои ни се достапни денес ни овозможуваат да сме креативни во тоа како ќе ја одржуваме блискоста со оние кои ни значат. На овој начин може сепак да организираме виртуелни дружења, да споделуваме мисли и чувства и заедно да разрешуваме одредени проблеми кои ги имаме. Бидејќи ова е период во кој слушаме и читаме бројни информации кои може да не вознемират, препорачливо е да се обидеме да го ограничиме пристапот до информации (особено од социјални медиуми) и да се осигураме дека информациите кои стигаат до нас се од проверен извор. Многу од нас времето во главно го поминуваат во домот и некогаш немаат идеја што би правеле со времето. Во тие прилики е добро да се потпреме на опциите кои ги нуди интернетот и да разгледаме кои физички вежби, филмови, книги, емисии или концерти ни се достапни. Голем број интернет страници нудат идеи за активности за деца и возрасни при ограничено движење, а има такви кои се достапни и на македонски јазик. Со тоа би можеле и полесно да го организираме нашиот ден и да воспоставиме контрола врз тоа што ни се случува. Овој период е сепак привремен и треба да се потсетиме дека има стручни лица кои напорно работат за што поскоро се справиме со ситуацијата. Да искористиме се што овој период ни нуди и да видиме како би сакале да продолжиме кога оваа ситуација ќе заврши.