Рок мјузикл во МНТ: „Архангелот над Скопје“

Во Македонскиот народен театар (МНТ), на 24 декември, сабота, премиерно ќе се одигра рокенрол мјузиклот „Архангелот над Скопје“, направен по музиката на македонскиот рок бенд „Архангел“.

„Приказната зборува за животот на градот Скопје во периодот на неговото созревање од деведесетите години на минатиот век па сè до денес. Урбаниот скопски живот ќе се прикаже преку животот на транзиционите генерации кои сакаат да направат промена во културно општествениот живот наспроти баналната стварност која ги фрла на маргините на општеството“, се вели во описот на делото.

За музиката, лириката, текстот и изведувањето е задолжен Ристо Вртев, фронтменот на „Архангел“, додека режијата и дизајнот е на Наташа Поплавска.

На сцената ќе се претстави прима балерината Мирјана Поп-Алексова, како и актерите Нина Елзесер, Стефан Спасов, Јована Спасиќ, Антонио Ташковски, Ања Митиќ, Лазар Христов, Ана Грамосли, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ, Ведран Чешарек, Ана Јованoвска, Кире Ацевски, Мина Јелушиќ, Марија Талеска, Мартина Даниловска и Марко Младеновиќ.

На сцената ќе настапат и музичарите Зоран Костадиновски на гитара, Виктор Николовски на бас гитара, Благоја Антовски на тапани, Сашко Николовски на тромбон, Кирил Кузманов на саксофон, Трајче Велков на труба и Стефан Илиевски на клавијатури. За видео анимациите е одговорен Дејан Матиќ.

Претходна вестПа нели лебот ќе поевтини по 1-ви декември?
Следна вестТренерот на МЗТ Петровиќ: Одбраната ни беше шуплива како сирење