Москва и Минск постигнаа договор за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, изјави вчера претседателот на Русија, Владимир Путин.
Рускиот претседател, притоа истакна дека распоредувањето се врши без прекршување на обврските на Русија кон меѓународните договори.
-Тука нема ништо необично. САД тоа го прават со децении. Долго време го распоредуваат своето тактичко нуклеарно оружје на териториите на своите сојузнички земји…Се договоривме да го сториме истото – без да ги прекршиме нашите обврски, нагласувам, без да ги прекршиме нашите меѓународни обврски за неширење на нуклеарното оружје, рече рускиот претседател.
Путин истакна дека белорускиот претседател Александар Лукашенко долго време го покренувал прашањето за стационирање на тактичко нуклеарно оружје во неговата земја, која се граничи со Полска.
Според договореното, Русија треба да ја заврши изградбата на складишта за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија до 1 јули, оваа година, рече Путин, додавајќи дека Москва нема да ја пренесе контролата врз оружјето на Минск.
Русија веќе стационирала 10 авиони способни да носат нуклеарно оружје во Белорусија. Како што посочи рускиот претседател, Москва, исто така, веќе префрлила во Белорусија голем број тактички ракетни системи „Искандер“ кои можат да се користат за лансирање на ракети со нуклеарни боеви глави.