Русија со дрон ја нападна нуклеарната централа во Чернобил, објави Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека руски дрон со експлозивна боева глава во текот на ноќата удрил во засолниште кое го штити светот од радијација во уништениот четврти реактор на нуклеарната централа Чернобил. На својот профил на Икс, Зеленски објави и видеоснимка од моментот на нападот.

-Ова засолниште го изгради Украина заедно со другите европски земји и Америка – со сите оние кои се посветени на вистинската безбедност на човештвото. Единствената земја во светот која напаѓа такви објекти, окупира нуклеарни централи и води војна без никакво внимание на последиците е денешна Русија. Ова е терористичка закана за целиот свет, пишува Зеленски во објавата на својот профил на Икс.

Додаде дека според првичните проценки, засолништето е значително оштетено во нападот. Пожарот настанат по експлозијата е изгаснат. Нивото на радијација, пак, како што посочи, засега не е зголемено и постојано се следи.

Украинскиот претседател обвини дека Русија секоја вечер врши слични напади врз украинската инфраструктура.

-Ова значи дека Путин дефинитивно не се подготвува за преговори – тој се подготвува да продолжи да го мами светот. Затоа, потребен е заеднички притисок од сите што го ценат животот – притисок врз агресорот. Русија мора да одговара за своите постапки, заклучи Зеленски.

Претходна вестВо чест на денешниот празник Свети Трифун, исплатени се 315.745.324 денари кон 11.689 лозари
Следна вестТФТ извиси, МЗТ Скопје против Пелистер во полуфиналето на Купот на Македонија