Руска амбасада во Скопје: Османи ја прифати пропагандата на Киев

Реакција на изјавите на министерот за надворешни работи Бујар Османи дадени вчера во Украина во рамките на посетата како претседавач со ОБСЕ упати денеска амбасадата на Русија во Скопје. Преку објавата на Фејсбук таа објави дека Османи во Украина „шпекулирал за жртви на руската агресија, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев“.

-Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи вчера во Украина шпекулираше за „жртви на руската агресија“, прифаќајќи ја пропагандата на режимот во Киев. Но, кога пристигна во Киев, војниците на Зеленски ги гранатираа Доњецк и Макеевка (во ДНР): има мртви, ранети сѐ уште беа под урнатините“, пишува во објавата на руската амбасада.

Оттаму уште реагираат дека Османи досега не споменал, како што велат, жртвите од гранатирањето од страна на украинските сили, како и сите загинати и ранети од агресијата на киевскиот режим врз Донбас од 2014 година, чиј број изнесува илјадници.

-Се работи за луѓето, велите?, пишува во реакцијата од амбасадата.

Османи за време на посетата на Украина го осуди рускиот напад на станбена зграда во Днипро, каде што загинаа повеќе од 40 лица, вклучувајќи и деца и над 70 се ранети.

– Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна, рече Османи.

Претходна вестПриведени крадци во центарот на Скопје
Следна вестПочина најстарата жена во светот, калуѓерката Андре