Сака ли Владата воопшто да дојдат вакцини во Македонија?

Колумна на Никола Тасев:

Еј владо Македонска, ја претеравте со вашиот аматеризам, несериозност и незнаење!

Колку човек да има разбирање за вас, заради пандемијата, заради тешките услови на живеење, функционирање и раководење, сепак уште еднаш ќе кажам ја претеравте со несериозноста околу справувањето со пандемијата. Цел свет наголемо се вакцинира, вакцини и во воено разурнатиот Авганистан стасаа, а Македонија се уште „не помирисала” вакцина.

Доста ни е од пропаганда! Те делови за фрижидерите стасале, те договор и кауција се платило, те готово само што не стигнале… сите во регионот ни се смеат. Деновиве главна вест ви беше дека денес ќе го добиеме подарокот вакцини од Србија, а утрово дознавме дека и нив не ги добиваме, затоа што, замислете, нашите власти синоќа се сетиле треба и документација за тоа. Па зарем и за завршна документација не ве бива? А ако успеавте да ја средите навреме документацијата, на пример, кога давате тендери на своите блиску луѓе?

И повторно доаѓаме до изјавата од пред еден месец на српската премиерка која рече дека сакаат да и подарат вакцини на Македонија, ама нашата држава не е законски подготвена и дека нема никаков план за имунизација на населението. Владините медиумски потрчковци побрзаа да „и се налутат” и да објаснуваат дека зборела на празно. Ама…

Сака ли Владата воопшто вакцини да дојдат во Македонија? Ако сака, дајте доста веќе со импровизации. Излезете конечно од „хај” состојбата и додека чекате бизнисот со марихуаната да не извлече од кризата, сфатете дека во меѓувреме водете држава и дека одлучувате за иднината на еден цел народ.

Ангажирајте во вашите служби професионалци, луѓе што разбираат, кадри што знаат што треба, наместо „двојкаши”, партиски послушници и роднини со единствен квалитет лепење плакати, дерење по митинзи и лајкувања по фејсбук. Имате во владата армија советници, но конечно разберете дека треба да ангажирате и советници што ќе работат наместо нив.

Сегашните ваши советници и така не и се од корист на државата и на народот. Вам ви се можеби, заради тоа што секој ден ве воспеваат колку добро работите и дека „газете”, ама за тоа платете си ги од свој џеб, а не од државниот буџет.

Радмила Шеќеринска пред некое време се пофали дека ако сакала владата уште меѓу првите во Европа ќе увезела вакцини, но не сакале народот да помисли дека се прави експеримент со него. Е како ќе ги увезла вакцини, ако утрово дознавме дека нашата држава не е спремна документациски за тоа. Што чекавте досега? Ковидот да се смилува и да си замине туку така?

И пак ќе повторам ја претеравте со несериозност околу справувањето со пандемијата и имунизацијата на македонските граѓани.

Очекувам дека Нетфликс во следниот период ќе сними серија во неколку продолженија на тема „Набавка на вакцини во Македонија”. Тие се професионалци и не испуштаат ваква убава реалистична приказна за хумористична серија. Може дури да ве ангажираат и да глумите, оти тоа добро го правите.

И на крај да си прашам: а кинеските вакцини ќе стигнат ли навистина и дали ја средивте документацијата за тоа?

Претходна вестРазочаран ли е Заев од Шилегов па не го спомна меѓу градоначалниците од кои е „исклучително задоволен“?
Следна вестTретина од Американците не сака да се вакцинира