Сакам да живеам во град во кој повторно ќе се почувствува Повардарецот

На познатата историчарка Наташа Котлар – Трајковска и недостасуваат многу работи во Скопје, но, сепак таа безгранично го сака својот роден град…

о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
-Секако, првата помисла ми е дека тоа е мојот роден град, главниот град на македонската држава, матицата на целокупниот општествен, економски и културен живот. Калеидоскопски ми навираат асоцијации од неговото минато и сегашност: Скопскиот или Јустинијановиот аквадукт, Камениот мост, Старата чаршија, Калето, ГТЦ, Плоштадот и улицата „Македонија“ која води кон впечатливите фрагменти од Старата желеничка станица, планината Водно.

о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
-Носталгична сум, признавам! Го сакам Скопје од моето детство и младост. Она кое во есен мирисаше на домашно слатко и зимница, а во пролет на багрем и липа. Тоа е време, кога духот на жителите, намерниците, патниците и градбите чинеа една посебна синергија. Тоа е времето на современите впечатливи архитектонски изведби и инфраструктура, време кога Скопје имаше културен живот пред сите други градови во поранешната држава.

о Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
-Ретко кој од нив успеа или успева, да најдат средства за развој на градот или да реализираат адекватна урбана визија без политичките влијанија на актуелните партии. Од друга страна, граѓаните немаат активно влијание, туку на задкулисни сеанси, со политички критериуми, градската власт носи одредени решенија за урбаното живеење. И затоа, сè уште очекувам да се појави еден градоначалник како Прометеј од старите легенди!

о Дали Вие доволно му дадовте на градот?
-Одговорот не би го определила во минато свршено време, за мене тоа е процес кој трае и во кој секогаш ќе фали уште нешто во нашата взаемната приказна. Го љубам градот и би сакала да му возвратам со многу повеќе. Израснав, се образував и се воспитував во скопските училишта, собирав искуства и од постарите и од поновите скопјани, работам и делувам во градот, а на поширокиот истражувачки и научен простор, јас сум доследен репрезент на овој град, кој има бројни квалитети, а во исто време е и толку несовршен.

о Со што најмногу се гордеете во Скопје?
-Тоа е духот што го има Скопје – амалгам од премрежја, стремежи, падови, скршнувања и успеси. Се восхитувам на моќта и на отвореноста на овој град да го прими секој намерник и да му понуди закрила на дом, на еуфоричната радост за успесите на градските спортски клубови.

о Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
-Сметам дека Скопје е доволно распространето и наместо понатамошно негово проширување, вниманието да се насочи кон неговиот развој, кон совесна и конкретна урбанизација, наспроти актуелната пренаселеност, нерамномерната сосредоченост на градителската инфраструктура и влијанието на политичката моќ врз урбаната содржина.

о Во какво Скопје сакате да живеете?
-Сакам да живеам во современ град, кој нуди спокој во живеењето, воспитано однесување и комуницирање, јавен превоз како во европските метрополи, кој е навремен, тивок, незагадувачки, сакам чист јавен простор во сите правци, без феномените „дивоградба“, „незаконски“ или „кич“, сакам град без урбани апсурди и бизарности. Сакам да живеам во град во кој повторно ќе се почувствува „повардарецот“, од градскиот смет и ѓубре ќе се создава биоенергија, а граѓаните појасно ќе гледаат, ќе чувстваат и ќе живеат!

о Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
-Ми недостасува планомерност во однос на културата на живеење и однесување, современа сообраќајна ифрастуктура и јавен превоз, ми неодостасува присуството на зелените површини, чист воздух и уреден просторот, кои строго би почивале на урбаните и на стручни правила за совесен и правилен начин на живеење. Валканите површини со смет и ѓубре, дивите депонии, мора да исчезнат, а примитивниот начин на однесување кон градската чистота, да се казни, како и бучавоста и агресивноста во просторот.