Сакам да знам за Македонска Каменица, а потоа и за Венецуела

Многу се нервирам кога гледам или читам како новинари меѓу себе си држат лекции за новинарство. А бре луѓе, баш ме гајле за вас и за вашите разгалени суети и „големини“. Јасно ми е дека огромниот дел од вас не се ниту вистински новинари, ниту се уредници. Тие, емитерите на туѓи политики треба да се тргнат од новинарството, ама во караниците ја не гледам дека чесните новинари се вклучиле и бараат да се мафнат од медиумите сите слуги кои го загадија мојот телевизор.

Напротив, чесните се тргнати на страна и си тераат работа, ама се малку и во неколку поситни медиуми.

Туку мене друго ми беше муабетов. Новинарите кога веќе се караат, да обрнат внимание што всушност ние гледачите-читателите сакаме, а не за нивните поткупливости или чесност да читаме. Дајте расправајте за тоа – зошто на нашите телевизии скоро и да нема за работите кои ги мачат Македонците. Што ми е гајле бе мене за некој онеправден у Венецуела, ако претходно не си ми кажал за онеправдениот во да речеме Македонска Каменица? До кога бе повеќе ќе знам за нападите во училишта во САД, а не за тепачките на учениците во Скопје?