Сакам во Скопје да има едно ново засадено дрво за секој квадратен метар градба

Универзитетскиoт професор, Васко Наумовски, предупредува дека еден од проблемите во градот е и меѓусебното префрлање на одговорноста меѓу општините, Градот и институциите на централната власт.

 Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

– Се трудам да ми се појавуваат убавите слики: мојата улица во Острово, плоштадот “Македонија“ и улицата “Македонија“, кејот на Вардар, Водно, како и печените костени, липите, јапонските цреши. Неодминлива е и храната, кафе – културата, дружењето. Изминатите години повеќе десетици пати слетував во нашиот град, и најавата од пилотската кабина “Почитувани патници, го започнавме нашето слетување во Скопје“ ја најавува птичјата перспектива на Скопје – слика што секогаш буди убави чувства.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

– Временските асоцијации за Скопје се секогаш поврзани и со периодот од животниот век на еден човек. Неретко позитивните чувства се поврзани со убавините на помладите години. Сепак, порано можеби Скопје беше помалку оптоварено со градби, сообраќај и луѓе, но веројатно денес е подинамично, модерно и моќно. За разлика од порано, оној помирен провинциски живот е помалку присутен, но сепак се работи за политички и економски центар на државата, а тоа има и свои предности и недостатоци.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно  му даваат на градот?

– Можеби е време да се пристапи кон нова распределба на надлежностите во градот, со што и одговорноста ќе може полесно да се лоцира. Во многу области ние се уште имаме поделени надлежности меѓу општините, Градот и институциите на централната власт, со што е полесно да се префрла одговорност, за жал, на штета на граѓаните. Секој од минатите градоначалници остави свое наследство, но морам да кажам дека и секој од нив можеше многу повеќе.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

– Се трудам да бидам добар граѓанин, да ги дадам моите идеи таму каде што ќе бидат слушнати. Иако не сум имал можност директно да влијаам на процесите на одлучување во градот, верувам дека со некои мои сугестии на претходните градоначалници на скопските општини имам скромен придонес.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Со приемот што им го приредуваме на гостите од светот, и спомените што ги создаваме при нивните посети. Секако, и со добриот однос меѓу нас самите, со воспитаните деца што не фрлаат ѓубре на улица, со совесните возачи, со вредните комунални работници… Да, можеби ги има недоволно, но тие што постојат ја заслужуваат нашата почит.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

– Споредено со остатокот од државата, Скопје веројатно е постојан или времен дом за повеќе од една третина од нашето вкупно население. Тоа е премногу. Развојот на другите региони е невозможен со концентрацијата во Скопје.

Во какво Скопје сакате да живеете?

– Во Скопје каде што ќе има доволно отворен простор, едно ново засадено дрво за секој квадратен метар градба, и повеќе грижа за животната средина. Кадешто нема да има листи на чекање за запишување во градинка, училиште или здравствен преглед, со улици безбедни за пешаците и мајките со детски колички, со згрижени улични кучиња. Град којшто ќе ја чува традицијата, и нема да ги повторува грешките од минатото. Кадешто убавите идеи и проекти ќе се реализираат, без разлика чии се. Град со повеќе насмевки, којшто ќе го оставиме поубав отколку што сме го наследиле.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

– Ми недостасуваат: џез-клуб, продавници за органска храна, повеќе градинки и детски игралишта, современ Клинички центар, пречистителна станица на Вардар, строги контроли на загадувачите на воздухот, пошироки тротоари, повеќе кружни текови, безбедни велосипедски патеки, поголемо присуство на полицијата во секоја населба… Би ги одзел сите индустриски објекти во границите на градот, половина од возилата би ги заменил со велосипеди, а оние грди настрешници и застаклени пушачки простории на кафулињата и рестораните би ги забранил со закон.