Сакаме на време да спречиме урбанистичка агресија на Кале

Зоран ПЕТРОВСКИ, кустос-советник од Музејот на современа уметност, го прашуваме за распишаниот конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на скопската тврдина Кале.

о Што е целта на конкурост, со што тој треба да резултира?
-Главната цел ни е да добиеме добри и квалитетни идеи за тоа како да се уреди целиот простор на Скопското Кале. Тоа е еден од најзначајните, како историски така и културни, простори во градот и која треба да сe сочува и осмисли. Целиот простор сега не е дефиниран. Таму имате тврдина и имате Музеј на современа уметност, а се околу е урбанистички недефинирано. Нашата цел со конкурсот е да добиеме идеи како целиот простор, на потегот од Тврдината па до Француските гробишта, да се уреди и да биде убав јавен простор. И порано сме имале вакви активности, дебати и изложби, со кои се барале добри проекти за овој простор.
Откако ќе добиеме најдобри идеи и предлози тие, подоцна, можат да послужат како добра основа за изработка на еден добар детален урбанистички план што ќе го направат надлежните институции – општина Центар, Град Скопје и Министерство за транспорт и врски. Со тоа ќе се определи што и каде ќе има на Калето. На тој начин сакаме да превенираме, да спречиме на Калето да се случи некаква урбанистичка агресија на овој јавен простор кој што веќе му се случи на Скопје. Едноставно, ќе се определи што може да има, колкава максимална височина можат да имаат градбите кои ќе бидат дозволени. Сакаме на време да го свртиме вниманитето на Кале за да додека уште има време се уреди овој јавен простор. Не сакаме тој драгоцен простор да ни се лизне од рацете.

о Каква е состојбата сега таму?
-Целата локација е веќе со години запуштена. Околу нашиот Музеј, на пример, е истоварeна земја од ископувањата на тврдината и тоа сега е проблем бидејќи се создала депонија. Во околината имате една дивоградба која е само делумно урната од надлежните органи и има опасност некој узурпатор преку ноќ да изгради нешто на своја рака. Како Музеј дававме претставки до општина Центар дека на Кале се градат диви објекти. Тука сега имате легализирани куќарки кои нивните сопственици утре можат да ги продадат на некои приватни инвеститори, кои можеби, ќе посакаат да градат некакви десеткатници. Со тоа би се нагрдил целиот простор. Токму тоа ние сакаме да спречиме. Односно, на време да се предвиди колкава височина би можеле да имаат таквите објекти. Имате, потоа, и некакви градби кои ја пресекуваат патеката од Тврдината да Музејот, има субстандард… Целиот простор е, едноставно кажано, неорганизиран што отвора можност за агресија врз него.

о Дали проектите за тунелот под Кале, за адреналинска жичница пречат на ова?
-Не, не пречат. Тоа се проекти кои се независни од она што горе сакаме да го постигнеме. Градските власти си водат активности и имаат планови за нивна реализација. Тие, сигурно, им се познати и на оние автори кои ќе учествуваат на нашиот конкурс. Овој конкурс, впрочем, го распишуваме и во соработка со градските власти, преку Rock – проект, кој е европски проект кој има за цел да заштити и правилно искористување на културното наследство во градовите. Јас сум убеден дека ќе добиеме добри идеи кои подоцна ќе овозможат граѓаните на Скопје да добијат простор во кој ќе можат да уживаат.