Сали за случајот со „Жан Митрев“: Поединечно ќе се анализираат 560 предмети на пациенти кои биле третирани со хемофилтрација

Поединечно ќе се анализира секое досие на пациентите кои со хемофилтрација биле лекувани во приватната клиника „Жан Митрев“, нив 560 на број, изјави денеска министерот за здравство, Беким Сали. На денешната прес-конференција тој истакна дека во расчистувањето на случајот ќе бидат вклучени пет здравствени институции. Соработката со Министерството за здравство е побарана од: ДСЗИ, Лекарска Комора, МАЛМЕД, Комисијата за интрахоспитални инфекции и Стручната комисија која ќе работи на анализа на секој поединечен случај за индикациите за примена на хемофилтрација во третирањето на ковид пациенти.

-Ние добивме материјали од ‘Жан Митрев’, беа соработливи и ни ги доставија сите побарани материјали. Се работи за 560 пациенти кои биле третирани со хемофилтрација. Ќе ни треба време за анализа на тие 560 досиеја кои се обемни, затоа што имаме пациенти кои престојувале таму и по еден месец. Целиот тој третман треба да се анализира од експерти, лекари кои цел живот тоа го работат. Тоа се групи формирани од четири клиники: Кардиохирурија, Инфективна клиника, Интензивна и Нефрологија. Ќе го анализираат секој поединечен случај и мора да напишат извештај на секој поединечен случај. 560 предмети, да бидеме реални, ќе ни одземат доволно време за на крај на јавноста да ѝ дадеме конечен прецизен извештај што се случувало. Меѓутоа, дозволете д а ја работиме нашата работа затоа што сите ние сме дел од општеството. Не би сакал во ниту еден момент кој било да гледа еднострано ,нагласи Сали.

Министерот побара простор и време за, како што рече, да се заврши работата како што треба.

Во однос на барањата на матичните лекари Сали рече дека во Скопје има сто тима матични лекари, а во ковид-амбулантите би требало да дежураат еднаш, по шест часа дневно. Односно, дека на овие тимови им доаѓа еднаш на 50 дена да работат шест часа во најавените ковид-амбуланти.

– Да бидеме реални, ние во 50 дена трошиме толку часа на кафе, рече министерот Сали.

Претходна вестКомора на приватно здравство: Матичните лекари да добиваат плата за работа во ковид амбуланти
Следна вестВучиќ: Можеме да им помогнеме на Македонија и Албанија со храна и струја доколку се продлабочи кризата