Сам себе се оговара на телевизија, за внучето да му го вработат

Како дојде овоа короната у Македонија се се запусти. Вака ми рече пред некој ден еден комшија шо обожава да оди по партиски митинзи. Он у ствари и нема испуштено ниту еден поголем митинг од претходните три избори.

Зашто така збориш, му викам, нема место за паника ќе се премавне и овоа со вирусот. Знам бе, ми вели, мене ме боли само прибидејќи ќе нема да има митинзи. И зема да ми раскаже што е болката. Имал уште едно внуче за вработување и морало сега на овие избори и тоа да го среди. Си имал знаме и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и одел по собирите како главен нивен подржувач, само детето да му го вработат.

И сега – што ќе правиш, го прашувам. Сега ќе треба да седам покрај телевизор и да се јавувам у контактни емисии, објасни ми човекот.

Не го прашав, дали сам на себе си реплицира кога е еднаш вмроовец, а потоа сдсмовец и како го мутира тоа гласот. Само си помислив, добро е што не гледам такви емисии. Покрај оние со „експертите“ се разбира.