„Сами за Валентин?-Појасот нека ве гушне“, а за дупките на патот, со Бог напред

Вчера во текот на целиот ден на електронските табли на влезот од Скопје пишуваше „Сами за Валентин? Појасот нека ве гушне“. Интересна порака за да се потсетиме дека треба појасот постојано да ни биде врзан за да бидеме безбедни и да се спречат трагедии.

Симпатична идеја на надлежните. Можеби повеќе приемчива на влезот од Автокоманда, на пример, од каде што и е фотографијата на овој текст. Но ако влегувате во Скопје од Косово, патот е толку лош што веројатно ако „не дај Боже“ дојде до несреќа нема да ве спаси ни појасот. Со други зборови патот кон Косово е, наједноставно кажано, во најмала рака, распад за нов автомобил, заради тоа што до граница веројатно ќе ви фали некој дел. Целиот е уништен, полн со неизбежни и длабоки дупки, а и опасен за возење заради тоа што останатите учесници не внимаваат и не ги почитуваат сообраќајните правила.

Сопствениците на фирми во Визбегово, до кои единствено се стигнува по оваа сообраќајница, протестираа и ја блокираа неколку пати во обид да ги освестат властите дека одвај успеваат да си дистрибуираат роба и дека е невозможно вака да продолжат да функционираат. Се закануваа неколку пати дека ќе се радикализираат, но ништо не се промени.

Затоа пораката до градските и локални власти: пред да се прават филмски пораки за љубовни празници треба да се освестат оти не живеат на Запад и оти овде треба прво да поработат на примарните услови за функционирање – а потоа да се воодушевуваме на вашите идеи како оваа.

Туку…, а за дупките по улиците дури и во централниот дел од Скопје, ќе пишат ли некоја досетка?