Само нови и решителни обвинители можат целосно да ја решат аферата „Рекет“

Скопјани се уморни од обидите на власта да го релативизираат случајот-аферата „Рекет“. Разочарани се што правдата повторно е спора или воопшто ја нема, а тоа како што велат го овозможуваат оние кои дојдоа на власт со паролата – нема правда, нема мир.
Нашите сограѓани со кои разговаравме прашуваат дали требаше да помине цел месец од обелоденувањето на аферата и притворање на дел од инволвираните – Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Кичеец) заради рекетирање на бизнисмени, па да на ред да дојде повикување на главната и на другите специјални обвинители во Јавното обвинителство. Ги загрижува и однесувањето на шефицата на СЈО Катица Јанева, но и на Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Загриженост не предизвикува само нивниот однос, туку и бавното и комотно однесување на Јавното обвинителство и на другите надлежни институции кои биле должни да реагираат многу порано, а не да чекаат враќање од годишни одмори.
-Треба да се формира ново специјално обвинителство, со нови и решителни обвинители за да го расчистат случајот. Од досегашната истрага, гледам дека на сегашните не треба да им се остави работата, не се претргнаа од работа, како да не ја бараат вистината, децидна е аеродромката Добрила.
Скопјани велат дека ситуацијата во земјата е уште поврела од сонцето и температурите надвор, и дека ако во овој случај не се дознае целата вистина тогаш вербата во правда па дури и во државата ќе им биде целосно разнишана.
– Сето ова мора да се расчисти, да не се сокриваат функционерите од СДСМ. Ако не се случи такво нешто тогаш веќе немам да имам никаква верба ниту во нашето судство, ниту во државните институции, ни вели скопјанецот Драган Стојановски.
Но, други граѓани, пак, се сомневаат дека и ова афера, по примерот на поранешните слични скандали и криминали, ќе доживее своја полна разврска.
– Мое мислење е дека случајот „Рекет“ нема да се истражи до крај и дека власта се ќе превземе да забошоти и тоа веќе го прави со изговор пред јавноста дека се борат против криминалот. Обвинителството е партизирано до коска, како порано така сега, и од секогаш такво и било. Тие се само нивна алатка. Инаку, ако беа чисти, мислам на власта, досега ќе превземеа нешто. Сега само одолговлекуваат за да добијат на време. Без надворешен, односно, меѓународен притисок, нема да има ништо, смета Симион Иванов.

Најдобро е брзо да има избори
– Не очекувам корумпирани политичари и обвинители да го решат проблемот со корупцијата. Најдобро е да има брзи парламентарни избори. Народот да даде мандат на лица за кои смета дека ќе се борат против рекетирањето и политичката контрола на судството и обвинителството, смета пензионерката Олгица.