Само паметна регулатива може да го направи Скопје пријатно за живеење за сите

Со праксата да се избираат градоначалници и останатите во администрација поврзани со политички партии започна да се губи вистинскиот интерес за подобар град

За познатиот диригент Оливер Балабурски е многу важно Скопје да расте и да се развива контролирано и со план…

 Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

 Убавите, пријатни утра со изгреј сонце, поминувајќи го Камениот мост, гледајќи кон исток… Прекрасното зелено Водно облеано од сонце создајаќи сенки на падините… дружењето со пријателите, прекрасните претстави, прошетките низ градот и паркот, кафето на плоштад…

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

 Знам дека ме прашувате за сè, но претпоставувам дека се однесува за архитектурата. Скопје го прават луѓето. Скопје порано имаше посебна смиреност, шмек, атмосфера на убав соживот во кои сите беа релативно релаксирани и го уживаа градот колку што можеа. Јас сум сега долго време надвор од државата, но повремено се враќам назад и успевам да го уживам градот најмногу што можам. Се обидувам да го најдам она што ме прави среќен и не дозволувам да ме вознемират работите што не се во ред. Секогаш и секаде, не само во Скопје има некакви промени и проблеми кои можат да се средат ако се има желба.

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

 Не сум сигурен дека можам информирано да одговорам на ова. Не сакам да верувам дека некој прави нешто од позиција да наштети или да направи малку или нешто слабо, неважно за градот. Од она што можам да прочитам и видам на интеренет, се гледа дека нешто се работи. Исто гледам дека луѓето не се сосема задоволни. Мислам дека во периодот кога се направи пракса да се избираат градоначалници и останатите во администрација поврзани со политички партии започна да се губи вистинскиот интерес за подобар град. Зборувам за интересот кој доаѓа од љубовта кон градот.

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

 Се надевам со мојата работа во операта во периодот додека бев редовно активен допринесов за убавите вечерни излегувања на Скопјани, со убави претстави и одењето на вкусна вечера со најблиските присетувајќи се на убавата претстава, планирајќи следна посета на некое друго културно случување.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

 Неминовно е градот да расте и да се развива. Многу е важно тоа да се прави контролирано и со долгорочен план. Многу лесно може сето тоа да излезе од контрола. На пример, градење или рушење без идеја и план, уништување на зеленилото, преголемо населување без доволно работа за жителите и неорганизиран сообраќај заради преголема населеност. Не верувам дека е возможно реално да се намали градот. Како тоа би се случило? Луѓето сами нема да заминат, никој не може да ги избрка, така што само паметна регулатива може тоа да го реши, да го направи градот пријатен за живеење за сите.

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

 Мислам дека духот на градот, и покрај тоа што не сум постојано таму, е сеуште присутен. Се гордеам со отпорноста да се смени во нешто неубаво, град во кој никој нема да сака да живее. Се разбира дека луѓето го прават тоа, но има некоја енергија што не го дозволува тоа да се случи.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

 Скопје беше познат по чаршистиот, маалскиот и ноќниот живот. Тој имаше медитерански дух со примеси на континентална клима и планински воздух. Се надевам дека сеуште има таков дух. Доколку го нема или снемува, тоа треба да се врати и негува. Би додал огромна количина на зеленило, но би го одзел, гнасниот, отровен воздух, валканите улици, би го сменил хаотичниот сообраќај… пусти желби, зар, не? Но, знаете, сé е можно. Не е толку тешко, само да се смени интересот во врска со изборот на првите луѓе во градот.

Претходна вест153 сообраќајни прекршоци во Скопје
Следна вестВеднаш откако бил осуден за семејно насилство, скопјанец ја нападнал поранешната сопруга во близина на судот