Само су упорно вежбање, талентот ме однесе меѓу најдобрите во Италија

Се почнало со еден флаер кој му бил даден како тогашен првооделенец во основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во Кисела Вода. Тоа бил повик да почне да тренира кошарка. Му го покажал на дедо му кој доаѓал по него по часовите и му кажал дека сака да почне да тренира кошарка. Се договориле да се запише, но за тоа претходно да се согласат и неговите родители. И така почнала љубовта кон кошарката на сега веќе 17-годишниот Богдан Мирковски, македонски кошаркарски реперезентативец во селекција до 18 години, а кој веќе три години игра за познатиот италијански клуб Канту во истата старосна категорија.

Зад него се десетина години вредно тренирање, бројни натпревари, откажувања се во име на талентот и љубовта кон кошарката.

-Таа желба кон кошарката не згаснува, туку станува се поголема и поголема. Благодарен сум им на сите оние тренери кои го видоа талентот кај мене и кои ме подржуваа – од клубот „Јуниор“, преку „Водно санс“ па до „Вардар“. Талентот треба да се развива, без напорно тренирање не може да дојде до израз. Треба да се вежба посветено и со голема желба. Само така ќе се напредува и ќе ви се даде шанса и да настапувате во најдобри селекции каде играат најдобрите, ни вели Богдан.

Тој е многу благодарен на сите тренери, а посебно на Младен Јегдиќ, како и на целиот стручен штаб на „Вардар“.

Во Канту, град на северот на Италија, неговото секојдневие е исполнето со многу обврски. Секој ден претпладне е на училиште, а во попладневните часови има по два тренинга и вежабање во теретана. Богдан ни вели дека направил добар избор што дошол токму во овој клуб.

-Не е лесно да влезеш во овој клуб со голема традиција . Ова е веќе трета година како играм за нив. Веќе во првата година, со тимот У-16, односно, под 16 години станавме шампиони на Италија во 2018 година. Во втората година со тимот У-18 освоивме трето место, а ова година се надеваме на прво место, вели тој додавајќи дека тренира и со сениорите кои играат во Сериа А.

Инаку, од своите репрезентативни настапи за наша државна селекција се гордее со освоеното трето место на Европското првенство во БИХ за играчи У-16 во 2018 година и пласман во Дивизија А. Тој игра на позиција 4 но во ретки случаи, во зависност од  противникот и ситуацијата, игра и на позиција 5.

-Оваа година би требало да ми биде последна година во Канту затоа што имам договор од три години. Но, останувам и понатаму во Италија. Каде ќе бидам следната сезона се уште не се знае, ни вели овој наш кошаркарски талент.

Сонот да се игра во НБА и во Евролига

Богдан не ни крие дека неговиот сон е еден ден да заигра во рамките на Евролига па и НБА.

-Патот до таков голем успех води замо преку голем напор и упорно тренирање. Кошарката стана нешто без што никако не би можел да живеам. Секојдневно тренирам и работам на себеси за да бидам се подобар и подобар. Тоа е љубов што се роди длабоко во мене и никогаш нема да се промени, ни потенцира тој.