Самостојна изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски

Вечерва во 19 часот во КСП Центар „Јадро“ ќе биде отворена самостојната изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски. На изложбата, којашто се организира и во соработка со Здружението „Училница осум 8“,  Величковски ќе се претстави со селекција од слики и цртежи што ги има работено во изминатите неколку години.

На вечерта на отворањето на изложбата, Величковски ќе го изведе и социјалниот перформанс „Идентитет“.

Величковски е македонски сликар, историчар на уметноста, универзитетски професор, ликовен критичар. Дипломирал (1974) и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1997), а магистрирал на Филозофскиот факултет во Белград (1985). Во периодот 1976-1977 година, тој бил на студиски престој во Париз. Бил професор по предметот „Современа светска и македонска уметност“ на Филозофскиот факултет во Скопје.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и на Меѓународното здружение на ликовни критичари. Активно работи и изложува од 1973 година. Величковски досега објавил повеќе од 80 монографии и книги од областа на ликовните уметности, од кои најголемиот дел се монографските изданија.

Во својот осврт кон творештвото на Величковски, Вера Симовска истакнува дека тој сопствената вибрација на личното егзистирање и откритието дека постои како свесно суштество ја изразува преку сликарски потези со повлекување на линии кои кореспондираат со неговата свест-потсвест како уловени музички вибрации или бранови на менталното искуство под инспирација на одредена музика.

-Боите и повлечените линии можат да дадат форми што само се наѕираат или да доловат одредени ликови. Секоја боја е можност да се повлече линијата на животот, односно да се даде печат на уште едно искуство, напиша Симовска.

Претходна вестСе ограничува продажбата на зејтин во маркети
Следна вестГенерален штрајк на вработените во Пошта