СДСМ и Ковачевски добија шанса од Мицкоски да си ги поправат катастрофалните грешки

Колумна на Никола Тасев:

Втор ден од лидерската средба Мицкоски – Ковачевски. Втор ден силно ехо од тој разговор се шири низ Македонија. Му напишав во колумна на премиерот, пред два дена, неколку часа пред одржувањето на неговата средба со Мицкоски, што јавноста очекува од него. Тој како да не ја подразбрал ситуацијата во која е заедно со неговиот СДСМ. Затоа денес ќе дадам (ќе пренесам што мисли и голем дел од јавноста) уште неколку препораки, сега многу подиректно.

Прво, Ковачевски да си ја заузда пропагандната машинерија на неговата партија, која веќе почна да слави дека ВМРО-ДПМНЕ го сменило ставот и се согласило сите заедно да ги изгласаат уставните измени. Така ќе си ја упропасти можноста која му ја даде претседателот на опозициската партија, со која Македонија ќе излезе од ќорсокакот во кој тој ја турна. Мицкоски, му даде подарок нему и на СДСМ- шанса преку која ќе може да ги исправи катастрофалните грешки што самите ги направија при слепото прифаќање на француско – бугарскиот предлог минатата година, иако околу 80 отсто од Македонците не се согласуваа со тоа.

Второ, арогантноста, дрскоста и победничката еуфоријата Ковачевски да си ја чува за други времиња. Сега не е прилика за тоа. Напротив сега како да доаѓа време и да си даде оставка оти не врви неговата замисла и единствениот проект – да се смени уставот по неговите замисли. Тешки бремиња се надвиснати над Македонија, битни одлуки треба да се носат, иднината на државата се решава.

Добро е што за денес е закажан состанок на ЦО на СДСМ и добро ќе е ако врвот на оваа партија внимателно го разгледа секој збор од понудата на ВМРО-ДПМНЕ. Но нема да биде добро ако пак и вечерва и утре и задутре, победнички воскликнуваат: „готово е, ВМРО омекна, Мицкоски го смени ставот, извесно е дека уставните измени ќе се случат“… Тоа ќе ме потсети на еуфоријата од минатите десет месеци кога дузина владини претставници најавуваа дека лесно ќе се обезбеди двотретинско мнозинство. На крај спласна таа цела еуфорија, за да се вратиме на вистината: владата нема поддршка од 80 пратеници за уставни измени, ниту пак има идеја како да ги обезбеди. Еве ја шансата за тоа, со корекциите и предлозите од Мицкоски.

Трето, нека размислува повеќе како Македонец, отколку како подисплашен политичар што ли ќе му кажат странските дипломати оти друго им вети. Нели му се сечело нешто во стомакот кога го прифаќал „францускиот предлог“ – еве му шанса таа рана да не го боли, заедно со ВМРО-ДПМНЕ може да се залечи. А воедно СДСМ нека покаже дека ги штити интересите на Македонија и барем малку го уважува мислењето на народот. Македонија мора да постави црвени линии, а за тоа е потребно единство на власта и опозицијата.

Четврто, нека сфати и тој и СДСМ дека одложената примена на уставните измени е добро и за Македонија па и за ЕУ. И заедно со Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кај нивните европски пријатели треба да го објаснуваат и заедно таа отстапка на Брисел да ја овозможат.

Ако се вратиме 3-4 години наназад, кога се смени името и Уставот на Македонија. Ако тогаш Заев успееше (aко воопшто пробал) да избоксува додавката Северна за меѓународна употреба да се користи веднаш, а за внатрешна, заедно со промената на Уставот и имињата на државните институции по влезот на државата во ЕУ, Грција ќе беше нашиот најголем промотор за што побрз влез во Унијата. Сега на секој кочничар на нашиот европски пат, Грција ќе се спротиставуваше. Но, еве шанса и таа грешка да не се повтори: преку изгласување на промените во Уставот, но со одложена примена – на Бугарија ќе и се брза да влеземе во ЕУ, а и ќе знае дека други барања веќе нема да и пројдат.

И петто, ако СДСМ и Ковачевски не се подготвени на отстапки – тогаш веднаш да распишат предвремени избори. Да не ја кочат европската иднина на државата. Оти вака уште една година ќе слушаме најави „само што не се обезбедени 80 пратеници“. Нека дозволи некоја друга влада да го отплеткува јазолот што тој и го врза на Македонија.

И на крај најдиректно: Ковачевски, не очекувам дека ќе дадеш оставка (ДУИ пак нема да ти дозволи) затоа знај – очигледно е дека проблемот што го кочи ЕУ патот на Македонија си ти, затоа др’ж се сега до Мицкоски. Иако ти е политички противник, тој во моментот ти е единствената сламка на спасот за да не останеш запишан во историјата заедно со СДСМ како групација која и зададе многу, многу страшни удари на Македонија со својата многу, многу погрешна политика.

Претходна вестКога Арсовска и Муцунски пак ќе прошетаат по аеродромската улица „Васко Карангелески“?
Следна вестВенко Адноновски меѓу осум светски писатели во потесен избор за Толстоевата награда