Шемата за подарениот имот на Игор Јанушев датира од 2010 години кога се набавија кинеските автобуси, соопштија денеска од СДСМ.
-Откако пет дена се криеше од јавноста вчера Јанушев самиот се закопа. Прво рече дека имало погрешни внесени податоци во неговиот анкетен лист кои ги корегирал, а потоа дека намерно оставил јавноста да се „излизга“. Зошто пет дена молчеше и не кажа за наводно случајно погрешните податоци? Што е ова освен директно признание на Јанушев дека намерно внесувал погрешни податоци? Ако намерно внел погрешни податоци дека подарениот имот му е земјиште со вредност од 325.000 евра, што сакал Јанушев да скрие?, прашуваат од најголемата опозициска партија.
Оттаму поставуваат и прашање дали Јанушев сакал да го скрие поклонетиот стан или пак некаква скриена бизнис шема која довела до тоа да му биде поклонет имот во вредност од 325.000 евра?
-Денес ја откриваме чекор понатаму оваа афера и прашуваме: Дали поклонетиот имот и парцелатата на којашто се наоѓа зградата во која има имот и Тошковски, влече корени уште од 2010 година, во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ? Тоа е годината кога се случила и криминалната набавка на кинеските автобуси за кои беше осуден Јанушев. Како е дојдено до оваа парцела, каква била постапката за во зградата баш и Јанушев и Тошковски да имаат огромни станови? Каква е поврзаноста на Тошковски во целиот случај? СДСМ располага со нови информации за овој скандал кои наскоро ќе ги објавиме, соопштија од СДСМ.