СДСМ со ново раководство, Димитриевиќ нов генерален секретар, потпретседатели Каја Шукова, Менде Илиевски, Ана Чупеска и Кристина Костова

58

Александар Димитриевиќ ќе биде новиот генерален секретар на СДСМ, одлучи синоќа Централниот одбор на партијата, кој избра и двајца организациски секретари и четворица потпретседатели.

Димитриевиќ е од редовите на општинската организација на СДСМ во Гази Баба и е актуелен советник во оваа општина. Тој доаѓа на позицијата генсек на местото на Миле Зечевиќ.

Во новото раководство на СДСМ отсега ќе има двајца наместо еден организациски секретар, можност која беше воведена со измените на статутот на партијата на конгресот одржан на 24 ноември.

За оваа функција, како што соопшти партискиот лидер Венко Филипче, се избрани поранешниот пратеник од Куманово, Мартин Костовски, и Љупчо Фармаковски од Општина Центар.

На четирите потпретседателски места, пак, Централниот одбор ги избрал: поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, универзитетската професорка Ана Чупевска од Правниот факултет во Скопје, Кристина Костова од општинската организација на СДСМ во Штип и Менде Илиевски од Битола.

По седницата на ЦО, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека таа поминала во позитивна атмосфера, а новите лица во раководството се „луѓе со силен личен интегритет и знаење и искуство во своите области“.

-Оваа енергија и атмосфера што ја имавме вечерва е доказ дека консолидација не само што е започната туку и одлично се одвива на сите нивоа во партијата, рече Филипче.

Тој најави дека веќе од утре новото раководство ќе започне со работа и ќе се има посети и средби по сите општински организации.

Претходна вестОткажан Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум бидејќи пропадна тендерот за организацијата
Следна вестШилегов со песната „Во бестрага“ му честита на новото раководство на СДСМ и Филипче