Се бара разрешување на обвинителка од ОЈО за организиран криминал

Разрешување од обвинителската функција на еден обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побарала Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ова е решено по спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот на обвинителот-известител.

-За поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители, се наведува во решението коешто го објавува државното Јавно обвинителство.

За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда е изречена дисциплинска мерка – намалување на месечна плата во висина од 30 отсто од исплатената нето плата во траење од 6 месеци.

-За една јавна обвинителка Комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност, бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство. Против Решението на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција незадоволните страни имаат право на жалба пред Советот на јавните обвинители, се наведува во соопштението.

Дел од медиумите објавија дека предлогот за разрешување се однесува на поранешната шефица на  ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Се информира дека обвинителката Ивана Трајчева, која ја заменувала Русковска, е казнета со намалување на платата, а Елизабета Јосифовска е ослободена од одговорност.

Случајот избувна во јавноста по судирот меѓу Вилма Русковска и ексдиректорот на Финансиската полиција, Арафат Муамери. Тој обвинуваше дека претресот во неговите канцеларии не бил во согласност со законот. Дисциплинска беше отворена по предлог на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој сметаше дека има низа пропусти во случајот откако Муареми испрати претставка за претресите во Управата и обвини дека е нарушен и неговиот углед и на институцијата со која раководи. Русковска беше и суспендирана од работа, а за тоа рече дека оваа атака ја доживува како удар и врз правото и правдата.

Претходна вестНароден правобранител: За брз кредит од 9.000 денари на граѓанин му наплатиле 950 евра за „надомест за доцнење“
Следна вестУапсени девет лица, силувале малолетничка и ширеле детска порнографија