Home АКТУЕЛНО Се чека на трета рунда од преговорите, во меѓувреме Украина слуша татнежи, лелеци, апели…

Се чека на трета рунда од преговорите, во меѓувреме Украина слуша татнежи, лелеци, апели…

0
Се чека на трета рунда од преговорите, во меѓувреме Украина слуша татнежи, лелеци, апели…

Борбите во најразлични подрачја на нападнатата Украина се интензивираат. Се бројат загинати и ранети лица.

Заменикот на градоначалникот на Мариопол Сергеј Орлов, повика НАТО да испрати војници бидејќи овој стратешки важен град е пред освојување од руските сили. Западните медиуми објавија видео од разрушениот град Бородјанка, кој се наоѓа на 60 километри од Киев. На видеото направено со дрон се гледаат руски воени возила кои влегле во овој украински град.

Руските воени сили од вчера утро, по борбите со украинските сили, извршеното гранатирање и пожар во објект за обука, ја презедоа контролата врз нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нема промени во пријавените нивоа на радијација и дека пожарот не ја зафатил основната опрема на нуклеарната централ.

Официјален Кремљ попладнево соопшти дека го чека одговорот на Украина за продолжување на мировните преговори по вчерашната втора рунда преговори.

На вчерашната втора рунда преговори што се одржа во Брест, на белоруска територија, двете страни се договориле за голем број хуманитарни прашања, вклучувајќи ја и можноста за привремен прекин на огнот за организирање хуманитарни коридори. Односно за заедничка безбедност на хуманитарните коридори за евакуација на цивилите. Украинската страна не била задоволна со договореното.

Рускиот претседател Владимир Путин ја повика меѓународната заедница на нормализирање на односите со Русија и им порача на своите соседи да не ја влошуваат ситуацијата со дополнителни санкции.

-Немаме лоши намери кон нашите соседи. Сметаме дека нема потреба да преземаат дополнителни акции со кои би ги влошиле нашите односи, ние ги исполнуваме нашите обврски. Мислам дека сите треба да размислат како да ги нормализираме односите и да соработуваме. Оние кои ќе одбијат да соработуваат ќе и наштетат на Русија, но и на себеси, изјави Путин.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека НАТО не бара војна со Русија.

-НАТО е дефанзивен пакт и наша цел е да ги чуваме нашите 30 земји-членки безбедни. Ние не сме дел од овој конфликт и имаме обврска овој конфликт да не ескалира надвор од границите на Укриана. НАТО не бара војна со Русија. Ова е војна на Путин што тој ја избрал и планирал против недолжна држава, изјави Столтенберг.

Прашан дали денеска било разговарано за затворање на небото над Украина, Столтенберг, рече дека НАТО има обврска да не дојде до ескалација во полна војна во Европа.

– Единствен начин да се гарантира „зона без летови“ над Украина е да се распоредат сили… Ако го направиме тоа, може да резултира со полна војна во Европа и да вовлече многу повеќе земји. Затоа е нашата одлука да не ги инволвираме НАТО силите директно во Украина, ниту на земја, ниту на воздух, изјави Столтенберг.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупредува дека Украина се соочува со „погубна хуманитарна криза“, бидејќи бројките на жртвите се зголемуваат, а болниците се борат да се справат со ситуацијата. 

Унаку, според унгарските власти, досега во Унгарија влегле 120.000 бегалци од Украина. Колку ли влегле во другите соседни држави?

Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Карим Кан, завчера соопшти дека отворил истрага за потенцијални воени злосторства во Украина.

При прелиминарното испитување на ситуацијата во Украина, мојата канцеларија најде основано сомневање дека таму се извршени кривични дела за кои е надлежен овој суд. Почнува активна истрага на барање на 39 земји членки на судот, изјави Кан.