Македонија кога сака да се пофали со природни убавини прво го споменува Охридското езеро. Тоа е прекрасен и уникатен дар од природата.
Го чуваме ли доволно?
Да, да… тоа е вистинското прашање, а не – дали го користиме доволно за развој на туризмот. Прво треба да го сочуваме, исчистиме, заштитиме…, па дури потоа да мислиме за други работи.
Дека прашањето е оправдано еве еден доказ од денеска: Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,15 метри надморска височина или 24 сантиметри под просекот. Ова значи дека денешниот водостој на езерото е само 6 сантиметри над дозволениот минумум.
Податокот е загрижувачки. И обична прошетка покрај кејот во Охрид покажува дека алармот треба да е вклучен. Не е доволно надлежните институции да ни кажуваат дека причина за смалениот водостој се неповолните временски услови, односно дека немало доволно врнежи.
Премногу лесно од скапо платените надлежни се прифаќаат ваквите ниски нивоа на езерото. Па така одамна беше и за Преспанското езеро и еве сега таму знаеме до кај дојде работава.
Експертите опоменуваат дека честиот намален водостој на Охридското езеро негативно се одразува на крајбрежниот појас кој всушност е и најважниот дел од езерскиот еко-систем. Опомената стигнува до функционерските уши?
Надлежните треба брзо, осмислено и континуирано да реагираат пред воопшто да се случи волку големо намалување на водата. Има и вработени и инструменти и можности за тоа. Заинтересираноста за езерото кај надлежните и од републичко и од општинско ниво треба да биде на истото ниво како и кога се објавуваат огласи за доделување концесии за стопански риболов или кога се бараат плацеви за правење на викендици или станови.
Пред некој ден во СВР Охрид било пријавено дека на кеј „Македонија“, во водите на Охридското езеро, била пронајдена неексплодирана бомба. Таа опасност брзо била отстранета. Така треба да се отстрани и оваа поголема, бајаги поголема еколошка бомба.
Е сега, сосема друга е работава ако се чека и рибите во Охридското езеро да прозборат за нивните маки, па потоа да се реагира. Тогаш е оправдана сегашната спорост на надлежните.