Се чествуваат светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија, празникот на мајките и ќерките

Православните христијански верници денеска, 30-ти септември, ги празнуваат светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија. Светици кои се многу почитувани меѓу народ.

Овој празник е посветен на жените и нивните деца, првенствено на ќерките. Се верува дека  девојчињата треба да се израдуваат со некој подарок, колку и и да е скромен. Подарокот може да биде и нематеријален, односно да им го посветите целото внимание и да им покажете колку ги сакате.

Според Библиските кажувања, тие живееја и пострадаа во Рим, во времето на царот Адријан. Мудрата Софија, како што ја одликува и името што го носи (бидејќи софија на грчки значи мудрост), остана вдовица, а како добра христијанка се утврди себеси и своите ќерки добро во верата Христова. Во времето кога мачителската рака на Адријан се протегна и врз добродетелниот дом на Софија, Вера имаше дванаесет, Надеж десет, а Љубов девет години. Изведени пред царот, тие сите четири држејќи се за раце смерно, но одлучно, ја исповедаа верата во Господ Христос и одбија да ѝ принесат идолски жртви на Артемида.

Пред страдањето, мајката ги крепеше ќерките со совети да истраат докрај. „Вашиот небесен женик Исус Христос е вечно здравје, неискажлива убавина и живот бесмртен. И кога вашите тела ќе бидат убиени во маки, Он ќе ве облече во нераспадливост и раните на вашите тела ќе светнат на небото како ѕвезди.“ Мачителот ги мачеше со лути маки сите, една по една: најпрво Вера, па Надеж, па на крајот Љубов. Ги тепаа, ги сечеа, ги фрлаа во оган и во врела смола и најпосле една по една ги убија со меч. Софија ги зеде мртвите тела на своите ќерки, ги однесе надвор од градот и таму чесно ги погреба. Остана на нивниот гроб три дена и три ноќи молејќи Го Бога и така Му го предаде својот дух итајќи во рајските населби, каде што ја чекаа душите на нејзините блажени ќерки.

Именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба…

По повод празникот Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, православните верници од Охрид, денеска од 13:00 часот, традиционално ќе се соберат на црковно народен собир пред црквата во туристичката населба Лагадин.

Охриѓанецот Љупчо Патче ја изгради црквата во Лагадин по повод 2000 години од христијанството. Секоја година на овој ден, верниците палат свеќи оддавајќи почит кон четирите маченички и молејќи се за здравје и благосостојба на нивните блиски.