Се дума ли МПЦ-ОА: Доволен е Томос од СПЦ или треба и од Вселенската патријаршија?

Го доби ли признавање на својата автокефалност Македонската православна црква – Охридска Архиепископија или се уште треба да чека-моли за тоа? Оваа дилема, се чини, како да се уште не е јасна ниту во јавноста ниту, пак, во самите црковни редови.

На една страна е мислењето дека Томосот за автокефалност е добиен со документот кој што го даде Српската православна црква на 5 јуни минатата година и којшто е наречен како Томос за автокефалноста на Македонска православна црква – Охридска архиепископија. Многумина сметаат дека со тоа процесот околу стекнување на автокефалноста не треба да продолжува бидејки МПЦ-ОА од 9 мај минатата година е призната како канонска црква и од самата Вселенска Патријаршија.

На втора страна е ставот дека таков полноправен документ може да издаде само Вселенската патријаршија. Таква била традицијата во Православието.

А дилемите дека постои различното толкување се подгреаја изминативе месеци, како со изјавите на одредени владици, така и со петиции и декларации кои што се појавуваат последниве десетина дена и кои се на ставот дека е доволен и валиден Томосот добиен од Српската православна црква и дека нема потреба да се бара-моли Томос и од Вселенската патријаршија.

Сето ова, се чини, е мотивирано со односот кон едно мошне важно прашање за МПЦ-ОА – нејзиното уставно име, статусот, управувањето со надворешните епархии, титулата на архиепископот, имотот… 

Заговорниците на тезата дека е доволен и најважен Томосот добиен од СПЦ го потенцираат фактот дека тој е издаден со уставното име на нашата црква – Македонска православна црква – Охридска архиепископија, дека нашата црква и натаму ќе управува со своите епархии надвор од државните граници… Во прилог на ова се спомнува и тоа дека, согласно на последните договори на православните цркви, најважно било да се добие автокефалност од Мајка-црква, а што во случајот е добиено од црковен Белград.

Ова се аргументи со кои се оди против другото мислење дека Вселенската патријаршија е таа којашто треба да го издаде конечниот Томос. Ставот е дека е поважно да се зачува добиеното уставно име МПЦ-ОА, отколку да се добие име Охридска Архиепископија кое Вселенската патријаршија и го определи на нашата црква. Претходно, познато е, ВП реши во името на нашата црква да не смее да го има зборот „Македонска“ или негови деривати. Неприфаќањето да се чека одлука од Вселенската патријаршија е поради и тоа што со Томосот на СПЦ ќе се зачуваат надворешните епархии бидејќи има страв дека ВП од Цариград ќе побара тие да прејдат во нејзината надлежност (како што има примери во светот), воедно неприфаќањето е и ниту еден манастир во Македонија да не и се даде на ВП за управување…

И така. Две мислења и толкувања кои полека стануваат се погласни и ја разбрануваат црковната јавност. Веќе почнаа и да се организираат петиции, собирање на изјави-декларации од граѓаните.

Политичката партија Десна веќе десетина дена иницира собирање на такви изјави од граѓани насловени како „Декларација за Македонска православна црква – Охридска архиепископија“. Во неа граѓаните треба да се потпишат дека „никогаш нема да остапат од името МПЦ-ОА, дека отфрлаат било каква промена на титулата на архиепископот, дека МПЦ-ОА е единствен сопственик на сите нејзини цркви, дека само под нејзина јуридсдикција можат да бидат нејзините епархии и дека македонското црковно прашање е решено со Томосот издаден од СПЦ…“ Значи, петиција која целосно смета дека веќе не треба да се бара и добива дополнителен Томос од Вселенската патријаршија.

Вака конципираната Декларација најде место за ширење и популаризирање и во самите редови на МПЦ-ОА. Така, верниците ваквата Декларација можа да ја најдат, да ја отпечатат, пополнат и испратат до оваа партија и на официјалната интернет страница на Австралиско-новозеландската еперхија на МПЦ-ОА со која раководи владиката Петар.

Декларацијата доби поддршка и од Македонска црковна општина „Света Троица“, од Келн, Германија, од Македонска црква „Свети Никола“ во Перт, Австралија… Значи и во самите редови на МПЦ-ОА се отвора прашањето и некои имаат став дека е непотребно да се чека-моли Томос од Фанар.

Околу ова се уште јавно не се произнел поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Тој при добивањето на Томосот во Белград рече дека „тоа е препорака којашто ќе биде проследена до Вселенската патријаршија“, а во интервју за грчкиот весник „То Вима“ рече дека „Вселенската патријаршија е таа којашто издава Томос за автокефалност според православната традиција и каноните“. Дали архиепископот Стефан се уште стои на таквиот став во ситуација кога на владиката Петар не му пречи да ги шири Декларациите со кои граѓаните ќе изјават дека е веќе добиен правосилен Томос од СПЦ, останува неизвесно?

Во Томосот издаден од СПЦ е наведено и тоа дека незиниот „Томос за автокефалност треба да биде прифатен и од сите други православни цркви“ и дека МПЦ-ОА „прашањето на името треба да го реши со елинофонските и другите православни цркви“. До сега, само Руската православна црква целосно го прифатила Томосот на СПЦ и МПЦ-ОА ја признава како автокефална и под уставното име. Дел од православните цркви не го признаваат тој Томос и сметаат дека само Вселенската патријаршија е надлежна, дел од црквите на МПЦ-ОА почнаа да и се обраќаат како „Православна црква во Северна Македонија“, како „Архиепископија Охридска и Северна Македонија, со седиште во Скопје“, а што значи дека и тука има различен пристап во односот на напишаното во Томосот на СПЦ.

Што ќе направи Синодот на МПЦ-ОА? Дали има поделба меѓу македонските митрополити по ова прашање? Што став ќе заземат околу името на црквата, имотите-епархиите во странство…? Ќе ги разгледуваат ли декларациите кои народ ги пополнува разделува? Какви сигнали ќе пратат кон Цариград, да побрза со Томосот или да не брза?

Претходна вестЕкспертите велат на Европа и се заканува голем ладен бран
Следна вестДоматите може да се продаваат до 70, кромидот до 60, портокалите до 55 денари…