Се крадеше ли во „Скопје 2014“, се стопита ли истрагата или пак, не манипилираа дека имало криминал?

Најавуваа судски разрешници за милионски суми, но…

Се сеќавате ли на силните укажувања дека има голем криминал во изградбата на „Скопје 2014“? А на уште посилните верувања дека криминалот ќе биде изнесен на виделина и дека ќе има одговорност за тоа? Вака изгледаа тие најави: „Тоа е криминал што ќе се расчисти и ќе се казни“… „За потрошените 600 милиони евра, за тоа незаконие, ќе одговараат сите инволвирани во процесот“… Големите обвинувања и ветувања беа кажувани пред две години… ги кажуваа претставниците на актуелната државна и градска власт во предизборниот период, кога ја водеа изборната кампања. Бараа поддршка од граѓаните за да бидат избрани да владеат и да ги казнат сите оние кои направеле нешто незаконско и како што велеа, се богателе од градежниот мега проект. Поради тоа и се очекуваше дека тоа прво ќе се расчисти бидејќи, како што велеа од СДСМ, за сето тоа имаат сериозни индиции, па дури и документи, нарачки и слично.

Меѓутоа, еве веќе втора година од расчистувањето нема ништо. Има само почната истрага, има само еден судски случај, има само еден дислоциран споменик. И толку. Ништо повеќе. Неизвесно е дали истрагата воопшто и ќе дојде до својот крај. Всушност, веќе е прашање дали се сака да се расчисти случајот. Почна да тежи и непредвидливата иднина на Специјалното јавно обвинителство. Да не заборавиме почнаа да се изрекуваат и ослободувања од обвиненијата за одредени дела за влијателни актери во проектот. Сето тоа ги подгрева мислењата кај граѓаните дека вистинското расчистување за „Скопје 2014“ можно е воопшто и да нема. Нема да се дознае, имаше ли криминал или пак некој треба да се извини што посочувал, а не докажал криминал.

-Тоа дека ќе се добие целата вистина за проектот „Скопје 2014“ се приказни за мали деца. Тој е веќе затворен случај кој нема да се расчисти. Во тоа сум сигурен. Политиката го „расчисти“. Се е за оние фамозни 80 гласа за промена на Уставот. Еве, сега гледаме како почнаа да се отфрлаат обвиненијата, ни вели граѓанинот Ристо Јанев.

Овој граѓанин не е единствен кој верува дека целиот случај ќе се забошоти како резултат на политички пазарења и тајни договори. А кога пред девет години почна да се гради проектот „Скопје 2014“ тогашната опозиција, а сегашната власт беше категорична дека сето тоа е чист криминал кој ќе биде строго казнет.

-Ќе спроведеме целосна истрага, отворени се сомнежите дека стотици милиони евра се потрошени на незаконит начин. Неопходна е ревизија на целиот проект „Скопје 2014“ и ние ќе ја спроведеме целосната и обемната истрага, најавуваше пред изборите во 2017 година сегашниот министер Дамјан Манчевски.

И сегашниот скопски градоначалник Петре Шилегов немаше дилеми дека проектот е криминален.

– Тоа е криминална пералница за пари. Потрошени се 680 милиони евра. Да имаме третина од овие пари, би решило мноштво од проблемите на градот, зборуваше тој.

Градоначалникот на Центар, пак, даваше гаранции дека ќе поднесе детален отчет за целиот проект. Еве, и по втората година од мандатот отчет се уште нема. Има само сеќавање дека СЈО спроведува некоја истрага која тешко дека ќе дојде до својот крај.

-За две години власта ништо не докажа дека е криминално. Или не сакаат или не можат да ја завршат работата или пак криминал нема во тој проект. Уште ќе чекам да се разоткрие криминалот, а ако го нема до есен, очекувам барем да се извинат дека посочувале криминал што не го докажаа. Тоа подразбира дека не манипулирале, вели скопјанката Оливера Костова.

Инаку, кога се кажуваа податоци за цената на правењето на спомениците и за хонорарите, за тоа кои се закони биле прекршени, не се велеше дека ќе треба многу време. Напротив. Се тврдеше дека цената од 8,2 милиони евра за споменикот на Александар Македонски и хонорарот на авторката од 649.000 евра се криминални, исто како што се споменуваа и за споменикот на Цар Самуил од 1,4 милиони евра… односно дека се злоупотребени милиони евра.

И Грчев како да замолче
Мирослав Грчев, координатор на работното тело кое правеше анализа на прекршените закони и даваше препораки што со спомениците од проектот „Скопје 2014“ до пред една година повторуваше: „Се работи за упропастена или украдена пара која допрва треба со судски мерки да се гони, пронајде и да се врати на граѓаните“.
Сега и него како да го снема да докажува или барем да прашува до каде е расветлувањето на тоа како се градеше „Скопје 2014“….

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО