Се лизна лизгалиштето на Кале

Некогаш најпознатото скопско лизгалиште, онаа под Кале, и оваа зима е во иста состојба како и претходните. Заклучено, со ограда зарасната во грмушки, со теренот и трибините кои пропаѓаат. Таква е, впрочем, состојбата во голем дел од спортско-рекреативниот комплекс „Кале“ чиј што дел е и ова лизгалиште и кој ја има судбината на изнајмените спортски објекти од кои дигнаа раце и нивни закупувачи.

Не работи веќе со години и години и е во фаза на распаѓање како резултат на нерасчистени состојби околу сопственоста, правото на управување, тужби и контра-тужби на релација државата и концесионерот.

А во меѓувреме, државата си троши значителни средства за тоа во различни градови да се подигнат и одржуваат монтажни лизгалишта кои ќе функционираат само до март годинава. Такви лизгалишта веќе се отворија во Гостивар, Тетово, Охрид… и други градови. Во Скопје, пак, очигледно е дека покрај лизгалиштето што функцинира во рамките на спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ ќе биде добредојдено да има уште едно, токму она кое е длабоко всадено во меморијата на многу граѓани како што е тоа под Кале. Но за тоа треба да се преземат и конкретни чекори. Неодамна видовме дека Владата реши да ги врати спортските сали „Партизан“ и „Расадник“ во рацете на општините Карпош и Кисела Вода.

Значи, кога се сака, може да се најде решение и за најкомплицираните состојби и договори за изнајмување на спортски објекти. Таква постапка треба да следи и за СРЦ и лизгалиштето Кале. Зошто да не се даде лизгалиштето на пример на оние кои немаат каде да тренираат хокеј, уметничко лизгање… може тие ќе си најдат начин да го одржуваат.

До кога ќе се чека Калето да живне повторно?