Се моли крадецот да го врати украдениот полициски компјутер од Блаце

Крадењето во Македонија е вообичаена работа. Не, не зборуваме за политичарите, туку овој пат за обичните крадци кои се толку опуштени што почнаа и полициски имот да „меркаат“.

Украдениот компјутер од граничниот премин Блаце се уште не е пронајден. Полицијата и натаму врши истрага за тоа како било можно да го снема компјутерот кој бил лоциран на контролниот терминал и кој се користел за евидентирање на патници кои поминувале со воз на овој премин меѓу Македонија и Косово. МВР вчера соопшти дека немало опасност од кражба на податоци или ризик од некаков сајбер напад. Компјутерот, наводно, не се користел веќе подолго време и не бил поврзан со софтверска мрежа на МВР.

Да се надеваме дека е така. Но, самиот факт дека кражбата се случила од просториите на полицијата токму на граничниот премин, не може, а да не загрижи. Ако така се чуваат сопствените, полициски компјутери, ако крадец незабележен може да влезе во контролен пункт и да изнесе компјутерско куќиште, тогаш прашање е што се може да помине незабележано на овој граничен премин?

Да потсетиме: И по пет месеци се уште нема информација дали се фатени крадците кои во април годинава го ограбија магацинот на полицијата во Охрид. Тогаш беа украдени солзавци, шок бомби и други предмети кои биле предвидени за расходување.

Може е најдобро МВР, како што упатува апел до возачите да возат пристојно, сега да упати апел до крадците да го вратат украденото?

Претходна вестЌе се побунат ли Ахмети и Османи за правата на Македонците во Албанија?
Следна вестПоранешен јавен обвинител од Охрид обвинет за несовесно работење