Се намалува бројот на новозаболени од Ковид-19

Изминатите седум дена во светот се бележи тренд на опаѓање на новозаболени од ковид-19. Тоа го покажала неделната статистика на Ворлдметерс која бележи пад на новозаболените од 17 проценти, во однос на претходната седмица. За 11 отсто е намален и бројот на починати.

Пад на новозаболени на неделно ниво има во повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Македонија со 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период.

Раст на ковид бројките е евидентиран во Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Полска, Русија, Србија, Унгарија и Шпанија.

Инаку, минатата недела Комисијата за заразни болести одржа состанок, на кој што заклучи дека земјата е во фаза на широка трансмисија со соодветни капацитети за одговор, а во такви услови нема потреба од нови ковид-мерки. КЗБ апелираше на одговорно однесување и почитување на актуелните мерки.

Во моментов, согласно податоците од Институтот за јавно здравје има 4.218 активни случаи на коронавирусот во Македонија. Најголем број се од Скопје – 1700, додека во Дојран, Демир Капија, Делчево, Македонска Каменица и Македонски Брод има едноцифрен број на активни случаи. Пехчево е единствен град во земјава без активни случаи.

Претходна вестЧија оценка е поважна за Ковачевски – од народот или од странците?
Следна вестПожарот кај селото Фурка се уште активен, утрово го гаснат 50-тина луѓе