Се очекува Грција на 14 мај да дозволи влез за македонските државјани

Од 14 мај годинава се очекува Грција да го дозволи влезот за македонските државјани со приложување на сертификат за вакцинираност или со негативен ПЦР – тест, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека такви најави добил од грчките власти и по честата комуникација со грчкиот министер за здравство и утрово со министерот за туризам, Теохарис.

Во рамките на тие консултации во врска со епидемиолошката слика и со мерките во двете земји, министерот Теохарис ме извести дека планираат да ја отворат границата на 14 мај за македонските граѓани. Но, ќе биде задолжително да се покаже потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест. Тоа што јас зедов обврска е да испратам како ќе изгледаат нашите сертификати за вакцинација со потребните кодови и листата на официјални и овластени лаборатории кои може да издаваат ПЦР тестови. Се надевам дека нема нешто драстично да се случи што ќе ја влоши епидемиолошката ситуација во двете земји, меѓутоа, како што сега стојат работите според најавите од министерот Теохарис, на 14 мај ќе се отворат границите, рече Филипче.

Претходна вестЗаев: Нападот на Пендаровски е несоодветен, но здраво е да има и несогласувања
Следна вестВо Скопје за 24 часа се хоспитализирани нови 77 пациенти со ковид