Се ограничува продажбата на зејтин во маркети

Од вчера почна да важи одлуката за продажба на ограничено количество на сончогледово масло во продавниците што ја донело Министерството за економија. Одлуката е донесена поради забележана појава на купување на поголемо количество на масло за јадење, а во изминатиот период се купувало зејтин повеќе од просечната потрошувачка на овој продукт. Со одлуката треба да се спречи “непотребната појава на недостаток на сончогледово масло за јадење на полиците”.

– Од 13.04.2022 година на секој поединечен купувач кој ќе купува масло од сончоглед за јадење во трговските објекти, во текот на денот ќе биде ограничена продажбата на мала количина во единечно пакување. Се препорачува да не се дозволува продажба на масло од сончоглед за јадење во големи количини односно количини пакувани во пакети, објави министерот за економија Крешник Бектеши.

Мерката за ограничување ќе трае до 31-ви мај. За нејзина примена, контрола ќе врши пазарната инспекција.

-Трговците на мало доколку забележат муштерии кои сакаат да купат поголемо количество на масло за јадење треба да ја алармираат и известат инспекцијата, стои во одлуката потпишана од министерот за економија.

Претходна вест50. ден војна во Украина : Мариупол речиси уништен, експлозија на бродот „Москва“…
Следна вестСамостојна изложба „Лирски експресии“ на Владимир Величковски