Се отвораат рестораните, дали државните и градските административци пак ќе бидат најчестите гости?

Од денeска се отвораат угостителските објекти во Македонија. Владата вчера ги објави протоколите за заштита од ширењето на опасниот корона вирус во рестораните. Според нив, се утврдува дека тие можат да работат во период од 8 до 22 часот и тоа само на отворените делови кои се покриени со покривна конструкција.

Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце. Бројот на гостите е ограничен и ќе може да се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство, се наведува во Протоколот.

Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри. Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и редовно одржување на тоалетите и задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба. Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)

Скопските угостители во изминатове денови интензивно се подготуваа за отворање на своите објекти. Денеска ќе ги примат и првите гости а ќе се види кои ќе бидат првите гости кои ќе бидат послужени. Познато е дека вработените од државните и градските институции лоцирани околу угостителските објекти на улица „Македонија“ и на Кејот на Вардар беа најчести гости, и тоа во текот на работното време. Дали таквата „шема“ ќе продолжи и во овој период, ќе се види во наредниве денови…

Претходна вестОблачно време со повремени врнежи и температура до 19 степени
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Филипче и здравствените власти се тотално изгубени среде епидемијата на вирусот