Колумна на Драган Колчаковски:
Првичните, сериозни научни проучувања на било кој сегмент од природата на територијата на Македонија започнуваат некаде од средината на XIX век. Не постои држава која нема некои свои посебни специфики и значајни појави кога е во прашање природата. Таквите појави, со посебни вредности треба на некој начин да се заштитат. Некои од почетоците на ваквата заштита во светот може да се следи уште од времето на средниот век, но денешниот концепт на заштита на природата е започнат со формирањето на првиот национален парк Јелоустон (1872 год) во САД. Нашиот прв национален парк Пелистер е формиран 1946 година, националниот парк Маврово во 1948 година, а во 1958 за национален парк е прогласена и Галичица. Вкупната површина на заштитените подрачја кај нас е нешто над 10 % што е недоволно и е под европските стандарди.
Можам и примери да наведам дека и низ социјализмот, кога е во прашање животната средина се правени недозволиви грешки. Но, темата не ми е животна средина, туку раритетната природа со потврдени посебни вредности која треба да се заштити. Низ социјализмот, колку толку според тогашните стандарди и познавања се водеше грижа и се прогласуваа заштитени подрачја, но денес ситуацијата е многу полоша!
Кањонот Матка, веројатно по Охридското Езеро, е највредното нешто што природа го дала во Македонија! Но чудно е како човек без сериозна причина и некаков добиен бенефит, може да уништи цел еден кањон?! Изградбата на Матка II започна некаде во 1996 година со пробивање на пат од десната страна на кањонот кон идната брана. Патот беше пробиен нецели 2-3 километри, а со промена на власта во 1998 година, Министерство за животна средина го забрани натамошното пробивање. Но, во 2002 година повторно се промени власта и веднаш проектот Матка II беше активиран. Се продолжи со пробивање на патот, а при тоа, поради неверојатно тешкиот терен, загинаа неколку работници. Се проби патот и се унакази кањонот, а од другата, левата страна на кањонот и има пат што би можел да се користи за оваа намена. За Матка II се потрошени околу 100 милиони евра буџетски средства, а до ден денешен не сум слушнал сериозен аргумент за нејзината оправданост?!
Кога сме кај заштитените подрачја треба да напоменеме и дека во 2000 година се направи студија за прогласување на Шар Планина за национален парк. Студијата ја помина владината процедура, но никогаш не успеа да ја помине и собраниската. Во 2010 година повторно се имаше обид со нова студија за прогласување на Шар Планина за национален парк, но предлогот повторно заглави во Собранието. Која е причината немам разбрано. Годинава повторно има таква иницијатива. Некако на секои десет години има текнува за Шара, но нема завршница. Од другата страна на планината, во времето на Милошевиќ таа е прогласена за национален парк и на сегашното косовско раководство на крајот од умот не им е таквиот нејзин статус да го укинат. А ние за нашата Шар Планина, ако не помине сега, ќе почекаме до 2030 година.