Се потсмеваа на барокот, ама тие бали сено до дигитална елка ставија

Kичoт го поправија со кич

Изминативе денови, скопјани можат да видат како се потрошени нивните 285.000 евра наменети за новогодишното украсување на градот. Она што беше испланирано и предвидено и за што една фирма и по десети пат го доби тендерот за украсувањето, веќе е поставено во центарот на градот. Чадорчиња, коцки, пердуви, завеси од светилки…светнаа над улиците и булеварите. Најукрасен е централниот дел на градот: плоштадот и улицата „Македонија“, како и најпрометната улица „Димитрие Чупоски“. На делот од плоштадот кон ГТЦ е направена зимската населба „Винтерленд“ со куќички во кои се продаваат најразлични нешта, бина за настапи на музички групи и дигитална елка во средишниот дел, што воопшто преку ден не личи на елка.

Колку ова е направено со вкус? Скопје е како светските метрополи или како паланка со натрупани украси од секаков тип? Многу пари се дадени, се исплатеше ли?

-Мислам дека се дадени многу пари и дека можеше многу посредено да биде. Мене лично, најмногу ми пречи тоа што не е среден просторот околу елката. Кој таму поминал знае дека теренот не е поплочен туку земјата е покриена со дрвени штици и тоа не целосно, А и тие штици не се нешто стабилни, не се квалитени па не е сигурно кога се оди по нив. Ми пречи и тоа што елката свети само навечер, а преку ден воопшто не го разубавува градот, ни рече Миодраг Кузмановски, пензионер од Карпош.

Скопјани ги збунува и тоа што елката е опкружена со бали сено, со што се добила смешна комбинација на руралното и на т.н. дигитално.

-Ако елката е веќе дигитална, односно, модерна, зошто и целиот концепт на прославата не е таков. Наместо тоа, тука гледаме сено, а на бандерите и на улиците гледаме пренатрупани светулки… Премногу кич има во украсувањето. Градоначалникот Шилегов велеше дека ќе прави модерен град, а ваму сега скапо плативме многу кич, вели скопјанецот Петар И.

На другите граѓани, пак, им пречи што се пренатрупани светлечки чадорчиња, коцки и други фигури по најпрометната улица „Димитрие Чупоски“, но и тоа што не се украсени другите околни делови на градот.

-Но, кога ќе се види кичот од центарот можеби е и подобро што не се украсија, ни рече еден скопјанец.

Пренатрупаноста е дури одбивна за некои од нашите соговорници.

–          Му се потсмеваа на барокот и мислев дека се поградски луѓе, ама сум се излажала. Сено да ставиш до дигитална елка е бетер од барокот. Да викаш офуцани музичари да ти дигаат атмосфера, е доказ дека новите функционери во Град Скопје немаат ништо со естетика и уметност, децидна е аеродромката Јасмина.

Барем децата нека се радуваат

Имаше и скопјани кои го прифаќаа украсувањето на градоначалникот:

–          Не е нешто многу убаво, ама барем децата ќе се радуваат. Не ни очекував дека ќе направат подобро иако потрошија многу пари, беше еден од одговорите на мајка со две мали деца.

Улицата на картонски тезги

Впечатокот на плоштадот се расипува и заради тоа што на него. но и по улица „Македонија“ се поставуваат картонски тезги на кои се продаваат најразлични дребулии. До скоро, комуналните редари ги бркаа ваквите продавачи, но последниве денови тие ги користат секој момент за да запоседнат некоја клупа и да си ја постават грдата и импровизирана тезгата.