Се повеќе возрасни се пријавуваат за вакцинација, младите ќе чекаат на ред

Дополнителни 9.000 лица над 70 години се пријавиле за вакцинација, информираше денес министерот за здравство, Венко Филипче. Како што порача тој, тоа автоматски ќе значи дека младите ќе мора дополнително да причекаат за имунизација.

„Денеска добиваме уште 40 илјади вакцини од АстраЗенека, а радува тоа што имаме дополнителни пријави за вакцинација на граѓани над 70 години. Тие се ризичната група и мора да ги вакцинираме што поскоро, а младите што се пријавени, ќе мора да причекаат“, истакна Филипче.

Тој смета дека превентивните мерки коишто моментално се во сила треба да останат уште една недела. Како што рече тој, во денешната изјава за медиумите, во понеделник ќе се одржи состанок на Комисијата за заштита од заразни болести на кој ќе се разгледаат податоците од последниве две недели и ќе се донесе конечната одлука.

„Засега нема никаква најава дека има влошување на епидемиолошката ситуација заради попуштањето на мерките од пред неколку недели. Засега сметам дека овие мерки што се на сила треба да останат уште најмалку една недела“, рече Филипче.