Се празнува Ѓурѓовден, празникот на обновувањето на природата и на животот

Празникот на обновувањето на природата и на животот воопшто, а посветен на великомаченик Георгиј Победоносец наречен Ѓурѓовден, празнува денеска христијанско но и другото население во Македонија. Тој секогаш се слави на 6 мај и се смета за најголем пролетен празник. Во негова основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто по зимскиот период.

Тој е воспоставен во спомен на светителот Георгиј Победоносец кој е роден во Кападокија, во Мала Азија околу 270 година. Во преданието е наведено дека неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот. Тамо го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење. Тука се стекнал и со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет што исто така значело големо признание. Но тогаш императорот не знаел каква религија исповедува младиот воен старешина. По смртта на мајка му тој станал наследник на големиот имот, но набргу ги ослободил робовите, а имотот го разделил на сиромасите. Со тоа како да се подготвувал за јавно проповедање на својата вера.

Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на христијаните, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа многу го изнедило и го разочарало императорот кој бесен на својот војник наредил веднаш да биде затворен и подложен на најсурови мачења, со единствена цел да се откаже од својата вера и да му се врати на идолопоклонството. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе. Кога Св. Георгиј на императорот му рекол дека не е само негов туку и Исусов војник бил подложен на најсурови мачења. Најпрвин бил положен на грб, нозете му биле ставени во клада, а врз него бил турнат голем камен. Кога тоа не го поколебало, го ставиле врз тркало под кое имало штици со шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не повлијаело го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земјата само со главата над земја. Најпосле му дале да испие отров, а кога и тој не дејствувал му ја отсекле главата. Гледајќи ги овие страдања на св. Георгиј особено брзото исцелување на раните и отпорноста на отровот, жената на Диоклецијан, Александра јавно изјавила дека го прифаќа христијанството поради што била осудена на смрт. Одејќи кон губилиштето таа му се помолила на Господа и веднаш му ја предала својата душа..

На иконата св. Георгиј е претставен како војвода како на коњ ја убива ламјата која што се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконата во позадина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра која што исто така свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.

Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни. Овој ритуал е најитакна во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

 

Претходна вестСончево со умерена облачност
Следна вестВласта има намера да го реформира образованието или да го расформира?