Православните христијани денеска го слават големиот празник посветен на Преподобна Параскева – Петковден, со кој симболично почнува сезоната на зимски слави. Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Во православниот каландар постојат три личности со исто име Света Параскева – Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Првата е Света Петка – Римјанка, втората Света Петка од Иконија и третата Света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата на која празникот, познат под името Петковден и се празнува на 27/14 октомври, и поради тоа и другите две се идентификуваат со неа. Овие личности името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот бил ден за подготовка поради тоа што кај Евреите во претхирстијанскиот период саботата била празник. Оттука Параскева значи подготовка.
Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите и беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост.
На старост еднаш и се јави ангел Божји и и рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да и го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век.
Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белград постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.