Се празнува Свети Климент Охридски, темелникoт на македонската духовност и култура

Македонија денеска го празнува – одбележува 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски. Споменот на големиот христијански светител, првиот македонски и словенски епископ Велички, основач на познатата Охридска книжевна школа, темелник на македонската просвета и патронот на Македонската православна црква Свети Климент Охридски го прославуваат православните христијански верници во Македонија и во други земји. Светителот, со сета своја активност и со своето дело на повеќе полиња – црковно, просветно, книжевно… стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година но е непознато каде точно. Починал на 27 јули според стариот (односно на 9 август според новиот) календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон“. Уште за време на животот Св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот (или 8 декември според новиот) календар. Поради тоа подоцна Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/9 август) се празнува споменот на Светите Седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.

Како државен, овој празник се прославува веќе 14 години.

Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил, во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на Св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде Св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на Св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.

Напишал и поуки за големите христијански празници .Се претпоставува дека напишал околу 40 слова, но само на 14 од нив го потпишал своето име.

Култот на овој светител е многу раширен меѓу македонскиот православен народ. Тој, уште за време на својот живот бил омилен и почитуван меѓу луѓето, а по неговата смрт тоа почитување уште повеќе се раширило. Во преданијата настанати потоа се наведени биографски податоци за него, како и приказните за негови исцелителски способности, кои раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Во преданијата се збори и за тоа како го поучувал населението да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење. Свој именден денеска празнуваат: Климент, Климе, Климентин..

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Ова ги покренало и дилемите дали тие навистина биле браќа и околу што сега постајат различни мислења во стручната јавност.

Најголемиот дел од моштите на Св. Климент се чуваат во Македонија, во Плаошник, а покрај нив, во Македонија има мошти на Св. Климент во Бигорскиот манастир, во Митрополијата во Битола, во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ – Скопје, во црквата „Св. Климент Охридски“ – Скопје и во Поречкиот манастир. Во црквата на Светите Седмочисленици во Софија (Бугарија), има дел од моштите со големина на нокот, а во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Пловдив има честица од моштите кои се подарок од МПЦ-ОА во 2008 година. Неговиот череп се чува во манастирот „Св. Јован Претеча“ кај Бер во Егејска Македонија. Черепот го зеле двајца монаси за време на пренесувањето на моштите на светецот од охридската црква Св. Пантелејмон, која Турците ја претвориле во џамија, во црквата Мал Св. Климент, а потоа во црквата Св. Богородица Перивлепта. Монасите веднаш ја однеле главата во манастирот во Бер, каде Св. Климент Охридски станал монах. Во 1970-тите, една честичка од моштите била однесена и во Рим.

Претходна вестЕурофарм Пелистер со голема победа над Спортинг за второ место!
Следна вестФункционерите глумејќи граѓани ги заборавија селата кои ја хранеа Македонија