Се предлагаат четири блок-тарифи за да оние кои трошат повеќе струја плаќаат и повеќе

Новиот модел  со кој се предвидува воведување на четири блок-тарифи со цел оние потрошувачи коишто трошат повеќе струја да плаќаат повеќе и обратно, беше претставен денеска на јавната трибина која ја организираше Републичка комисија за енергетика. На трибината за моделите зборуваа професорите од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

– Потрошувачите ќе бидат поделени во четири блокови, во првиот блок се потрошувачи кои трошат до 210 киловатчасови енергија, во втор блок се потрошувачи кои трошат до 420 киловатчасови, потоа во трет блок од 420 до 630 киловатчасови, додека во четвртата категорија се најголемите потрошувачи кои трошат над 630 киловатчасови енергија. Дополнително со новиот тарифен модел ќе се читаат броилата на 35 дена, за да нема сомнеж дека на некој му бил наплатен поголема сума ако пресметките влезат во следниот месец, објасни претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

Тој дополни дека кај 87 проценти од домаќинствата во зимските месеци ќе имаат намалени трошоци, но кај останатите, кои се големи потрошувачи ќе има зголемување на сметките. Во исто време, во летниот период се очекува кај 92 отсто од потрошувачите да има намалена потрошувачка и намалени сметки, додека пак кај останатите зголемена сума.

Професорот Рубин Талески рече дека со новиот тарифен модел очекувано е повторно вкупната сума која се собира од потрошувачите за искористената енергија да биде иста. Но, дека оние кои не внимаваат на потрошувачката или кои ја користат и за други намени, да платат повеќе.

Во земјава, според анализата, има регистрирано 800.000 броила или домаќинства. 140.000 домаќинства трошат под 100 киловати. Останатите трошат по 478 киловатчасови. Сите заедно просечно трошат по  372 киловатчасови годишно.