Се претвори ли реконструкцијата на Аквадуктот во правењето на крос-патека за мотори?

Се прави крос-патека за мотори кај скопскиот Аквадукт, предупреди денеска невладината организација О2 Иницијатива. Во соопштението таа наведува дека со тоа се загрозува овој значаен споменик.

– Режимот на заштита на Аквадуктот забранува да се внесуваат капацитети или да се воведуваат нови намени што предизвикуваат бучава, вибрации и загадување на околината.  Поднесовме претставка до Управата за заштита на културно наследство, Инспекторатот на град Скопје – град Скопје управува со Споменикот и треба да има изготвено план за управување, и општина Карпош, на чија територија се наоѓа Аквадуктот. Да видиме колку се почитува Одлуката за овој споменик како културно наследство од исклучително значење, потенцираа од О2 Иницијатива.

Владата, во април минатата година, на со години запуштениот вреден културно-историски споменик во околина на градот, му определи статус на „културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење“. На ова му претходеа повеќе најави дека тој ќе почне да се реконструира со оглед на опасноста да почне да се распаѓа. Но, ниту една од бројните најави не се реализира.

Нова најава за темелна реконструкција се случи и во септември минатата година. Тогашната министерка за култура Ирена Стефовска, на прес-конференцијата кај Аквадуктот спроти локалните избори, најави дека ќе почне првата фаза од реконструкцијата.

-Аквадуктот не е градежен материјал за несовесните и несвесните, ниту пак е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот аквадукт е скапоценост. Убедена сум дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност во неговата заштита, рече тогаш Стефоска.

Целта на првата фаза од реконструкцијата е да се зачува физичката состојба на споменикот. Заради тоа се почнало со активности околу каналот, односно водите да се насочуваат кон другиот канал. Следната постапка предвидува зајакнување на столбовите. Но, јавноста не беше информирана да каде е реализацијата на овие планови.

 

Претходна вестПораснал бројот на млади со дипломи во рацете, а расте ли и знаењето?
Следна вестКамион тешко повреди пешак во Центар