Се радувам што сфативме дека ни недостасува квалитетна македонска програма

За Бојана Димитријевска која е дел од уредувачкиот тим за вестите на ТВ Алфа, многу е важно што бројните домашни телевизии конечно почнале да прават домашна продукција.

оШто им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

-Драги скопјани гледајте квалитетна програма, а имаат и македонските медиуми во последно време што да понудат и тоа особено ме радува. Носталгична сум, но и убедена дека пред две децении иако имавме помалку телевизиски канали, гледавме подобра програма. Ми недостасуваа 90- тите и она што тогаш се емитуваше на телевизија. Македонски едукативни и музички емисии, хумористични серии во домашна продукција, македонски документарни филмови. Се радувам што сфативме дека ни недостасува квалитетна македонска програма и конечно почна да се работи на тоа. Особено ме прави среќна што после речиси три децении се снимаат продолженија од серијалите за деца со кои порасна мојата генерација.
Јас лично сакам да гледам документарни филмови, дебатни емсии во кои може да се слушне аргментирана дискусија, а често кога вртам канали вниманието ми го задржуваат странските емисии за уредување на домот и за патувања. Ги пратам и вестите на глобалните телевизиски мрежи.

оШто сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат ТВ каналот?

-Ефтини музички шоуа, реални шоуа во кои учесниците се затворени во куќа, не внимаваат што зборуваат, како се однесуваат и излегуваат од таму како милионери. За жал ваквите шоуа еден период го окупираа медиумскиот простор. Подалеку од патетики и од се она што ја навредува нашата интелегенција.

о Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Дефинитивно не, а има простор. Во информативните изданија на телевизиите темите за Скопје многу често се површни и најчесто се поврзани со политиката. Недостасува емисија за главниот град која ќе понуди содржина и квалитет. Скопје е полно со настани, приказни, урбани легенди. Сите го знаеме градот, но не знаеме што се кријат улиците.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Телевизиската програма треба да информира, едуцира и забавува. Во Македонија недостасуваат емисии посветени на културата. Во вестите на националните телевизии речиси и нема информации од тој сектор. Преплавени од политика, како да забораваме на театарот, киното, операта, балетот… Бев пресреќна кога пред неколку дена скоро сите национални телевизии вестите ги отворија со информацијата за номинациите за оскар за „Медена земја“. Се надевам работите ќе се променат.