Се сеќавате ли на големите ветувања дека домовите во Скопје од 2020 ќе добијат гас?

Сега има распишано некаков тендер, затоа што наесен ќе има избори. Тоа се веќе видени политичарски финти, а четири години не мрднале со мал прст. А, инаку, секако веднаш ќе се приклучам на гас кога ќе дојде, вели Бојан Медарски

 Во домот на скопјанецот Зоран Миткоски во скопската населба Ѓорче Петров зимава се грееле на пелети. Велат дека е многу подобро, почисто и поевтино отколку што било со дрва но, сепак, одвај чекаат до нивната куќа да дојде приклучокот за гас кој го ветуваше градоначалникот Петре Шилегов. Но, тој никако да стаса.

-Веднаш ќе се пријавам за гас бидејќи користењето на гас е неспоредливо во секој поглед со греењето на дрва или друго. И во однос на цената, и во однос на зачувувањето на чистиот воздух во градот. Проблем е само што уште нема мрежа, што се доцни со изградбата на мрежите до куќите иако се веќе завршени главните цевководи, ни вели Миткоски.

Тој е само еден од илјадниците сопственици на домаќинства по скопските населби кои веќе со години чекаат да добијат приклучок на гас со кој би можеле да се загреваат, да го користат за шпорети, за бојлери, за други домашни апарати. Наместо со гас, најголемиот дел од овие домаќинства сега се греат на дрва или некој друг огрев, а за други апарати трошат електрична струја.

Затоа изборните ветувања пред четири години на сегашниот скопски и општинските градоначалници дека ќе им донесат гас во домовите беа мошне добро прифатени. Тогашните изборни кандидати гарантираа дека ако им се даде гласот ќе ја завршат гасификацијата. Но, ете, граѓаните гласаа и сега чекаат…

Роковите поминаа, цевките и гасот уште во плановите

„Итна гасификација“, „Гас до секој дом“, „Гасот ќе го намали загадувањето“, „Клучен проект“… сето ова беа ветувања кои скопјани ги изнаслушаа на тогашните локални избори. Уште тогаш беше кажано дека е речиси завршен главниот гасоводен прстен околу Скопје и дека претстои изградба на секундарната мрежа, односно, довод на цевките до секој дом кој сака. Се приклучија неколку индустриски објекти, неколку институции кои го сменија мазутот и толку. Трите години се загубија во барањето начин кој и под кои услови да ја гради гасната мрежа – дали општините, градот, дали приватна фирма, дали да се оди на принцип на јавно-приватно партнерство… А во изборните програми беа наведени конкретни рокови – главно 2020 и 2021 година. Сега, пак, се најавува избор на изведувачи на секундарната мрежа по општините.

– Сега има распишано некаков тендер, затоа што наесен ќе има избори. Тоа се веќе видени политичарски финти, а четири години не мрднале со мал прст. А, инаку, секако веднаш ќе се приклучам на гас кога ќе дојде, ни вели граѓанинот Бојан Медарски.

Првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бисломовски неодамна изјави дека во крајна фаза е избор на јавен – приватен партнер за изградба на мрежата меѓу две пријавени турски фирми.

-Верувам дека до крајот на годината ќе заврши процесот на потпишување договор со новиот јавен приватен партнер, рече Бислимовски.

Ова е ново ветување за кое е прашање кога ќе почне да се реализира, но и кога ќе биде завршено. Претходно беше ветено дека изборот на партнерот за проектот тежок 350 милиони евра ќе се изврши до крајот на април. Сега поминува и мај…

Изградбата на гасоводната мрежа по скопските населби ќе биде тежок градежен зафат со оглед на тоа дека најголем дел од нив се градени неплански, со бројни дивоградби, неизградена инфраструктура, а што се ќе го отежне доведувањето на цевките со гас.

– Гасификацијата доцни оти Владата постојано крпи некои други „дупки“. А ветувањето кое е дадено треба и да се исполни и треба да почне изведбата, ни вели Александра Адамс.

Загадувањето на воздухот ќе продолжи

Сето ова укажува дека и најверојатно и следната зима најголем дел од домаќинствата ќе се греат на дрва, на пелети, струја… бидејќи само 17 проценти се приклучени на топловодната мрежа. А тоа значи дека од оџаците и натаму ќе излегуваат кубици и кубици на отровни ПМ10 и ПМ2,5 честички кои најмногу ги трујат граѓаните.

-Не знам за другите, но јас се сеќавам како не убедуваа да гласаме за нив, а потоа ќе ни изградат гасоводни цевки до дома. Мандатот помина, цевките ги нема. На ова ќе се сетам и кога ќе гласам на изборите, коментира карпошовецот Андреј С.

Енергетскиот експерт Марјан Ненов пак укажува дека процесот на гасификација на Скопје ќе биде многу спор и нецелосен.

-Освен бавноста и неспособноста на Градот најголема причина за тоа се и интересите на оние кои заработуваат од сегашната ситуација. Во планот за гасификација опфатен е само надворешниот прстен на градот, додека семејствата од централниот дел ќе бидат дискриминирани поради зачувување на позицијата на БЕГ. Ова само докажува дека и оваа градска власт е под влијание на енергетски комплекси и граѓаните ќе останат заложници и понатаму. Замислете да само едната страна од улицата е гасифицирна и тие фамилии ќе можат да се греат на гас, бојлерот ќе им се греат на гас, ќе готват на гас… а од карши тоа ќе биде невозможно, потенцира Ненов.

Очигледно, проектот гасификација и по толку години се уште е неизвесен. А тоа значи дека граѓаните на есенските локални избори пак ќе се изнаслушаат на најразлични ветувања околу тоа кога и по која цена ќе го добијат гасот. Тоа, за жал, нема да им биде првпат.

Што ветуваа скопските градоначалници…

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во својата изборна програма беше категоричен дека примарната гасоводна мрежа во западниот дел од градот ќе биде доизградена, а дека „приоритетно ќе се гради секундарната мрежа“ за населбите кои не се поврзани со централниот топлификациски систем. Актуелниот градоначалник на Аеродром гарантираше дека гасот ќе стаса до нивните домови. Во негова изборна програма е прецизно наведено дека тоа ќе се случи во период од 2018 до 2020-та година.

На жителите во Кисела Вода им беше ветено дека клучниот проект – гасот ќе го добијат до 2021-ва година. И во Гази Баба се најавуваше дека процесот на гасификацијата ќе стартува уште од 2017 – та година и дека ќе заврши до 2021-ва, и дека од буџетот на општината за оваа намена секоја година ќе се обезбедуваат околу 1,4 милиони евра. Такви ветувања имаше и за Бутел и Чаир, но, и таму ги нема цевките…

Скапи внатрешни инсталации

 Инаку, ќе има понатаму и друг проблем околу гасификацијата. Проценки покажуваат дека на домаќинство кое живее во куќа од 120 метри квадратни ќе му бидат потребни околу 1.500 евра за да се постават внатрешните инсталации за користење на гасот.

 Мислам дека голем дел од граѓаните нема да се приклучат. Сиромаштија е, кој стандард го имаме ние, вели граѓанинот Васил Кестев.

Претходна вестМакедонските одбојкари поразени од Данска
Следна вестСамо 5 нови пациенти во последните 24 часа во ковид центрите во Скопје